Skip to content

Ода на радоста – Марија Пандиловска

  • by

Кога си пролет,
секогаш си само почеток
а никогаш крај.

Кога си пролет,
Не знаеш што е осаменост.
Танцуваш со боите на слободата,
а твојот златен одблесок влева надеж
за едно волшебно утро во кое можеш да бидеш и песната на славејот
и славејот
и детето што возбудено му се восхитува.
Кога си пролет се вивнуваш над облаците низ безстрашен лет,
а сите луди месечари ти ја бираат прегратката за соучесник.

Кога си пролет, тогаш си и
првата искра на радоста,
лудоста,
храброста.
Јас бев есен,
а не се плашев да чекорам боса низ твоите трња.
И не е нималку чудно што го засакав секој миг на твојата пролет.

Ама што знае пролетта што е љубов,
кога е секогаш само почеток,
а никогаш крај.

Марија Пандиловска

Напишете коментар