Телото на жената не е уметничка слика изложена во галерија за да биде набљудувано, коментирано, проценувано, та да му се бараат маани. Телото на жената не е предмет на ничија критика, мислење, анализа или нечие туѓо одобрување. Телото на жената не е како кукла ставена на излог, па да проценувате дали убаво му стои облеката или не.
Едноставно не е ваша работа да судите за нечиј изглед, или начин на облекување. Жената е родена во тоа тело, таа самата одлучува какво ќе ѝ биде, колку што може да влијае врз истото. Може да биде целото со тетоважи, пирсови, стрии, во форма, без или со вишок килца, атлетско и дефинирано итн. Одлуката дали девојката или жената ќе го покажува малку повеќе или не, е само нејзин избор.
Дали знаете колку боли кога некои работи поврзани со истото (што не се по твоја вина) не можеш да ги промениш? Дали знаете дека физичките недостатоци нанесуваат душевна болка и рана која никогаш не може да се излекува? Пред да прокоментирате за нечиј изглед или физички недостаток помислете само колку лошо и негативно влијае врз личноста на која ѝ е упатен истиот коментар (без оглед дали е директно упатена критиката или се зборува генерално).
Бидејќи и кога се обраќате генерално, а не на поединец, ефектот од изразувањето на вашето мислење е истиот. Само што на тој начин допира подалеку, затоа што во него се „пронаоѓаат“ повеќе. Потоа со право се дига прашина околу истото.
Завчера го прочитав статусот на “ѕвездата“ (така ќе го именувам) што го поставил на фејсбук, па оформив мислење. Прво, се согласувам дека секој може да го произнесе своето мислење во јавност, какво и да е. Меѓутоа треба да си особено внимателен кога изнесуваш мислење на “деликатни“ теми, а те следи голема бројка на луѓе, од кои половина се припаднички на полот којшто си зел за право да го коментираш.
Второ, не се согласувам со неговото тврдење, од неколку причини. Не се пронајдов во истото бидејќи не носам танга на плажа, но можам да се ставам во кожата на сите жени таму по плажите што одлучиле да се сончаат на тој начин. И да, имаат доволно самодоверба да го покажат нивното тело какво што е, на начин на кој тие одбрале. Потоа, не се сите тела извајани (иако со многу напор можат да бидат блиску до тоа), не се сите тела совршени ниту некогаш ќе бидат освен со пластична хирургија, не се сите тела мазни и без стрии.
Постојат толку различни форми на тело, облини, облици, бои на кожа односно нивни нијанси, различни градби, распределба на килограмите по истите. Кои сме ние да кажуваме каква облека на каква форма ѝ одговара или што треба или не треба да се носи? Зошто да ни смета ако некому ѕирка целулит од под сукњата кога истата се носи гордо и со самодоверба? Верувајте дека потребна е голема храброст да се има вишок килограми (колкав број и да е во прашање) за да се појде на плажа и да се покаже телото.
Ова посебно важи за жените, а е поврзано со нивниот степен на самодоверба. Сите тела се за на плажа, нема одредено тело кое шаблонски е дозволено да го имаш за да можеш да го покажуваш! Јасно ли е? Уживаш во она што си и што го имаш на тебе? Гордо носи го и покажи го, бидејќи е само твое.
Никој не живее во твојот храм, ти си се родил со него, ти секојдневно се гледаш во огледало и одлучуваш на каков начин ќе го прифатиш. Едноставно не е ничија работа да дава коментари без да му биде побарано мислење. Ако е побарано, треба да размисли какви последици ќе предизвика коментарот.
Сакајте си ги вашите облини, или слаби и рамни телца, вишокот може да го снема ако се потрудите да го снема, доколку ви смета, можете да додадете маса ако сакате, но ако сте задоволни какви што сте, одлично. Само не си го мразете телото, ве молам. Посебно вие помладите девојки кои се пронаоѓате себе и секојдневно си наоѓате маани.
Нека не ви влијае туѓото мислење, не посебно од луѓе што не ги познавате, ма колку и да се “самопрогласени“ инфлуенсер(к)и или познати фаци. Не само од Македонија туку од цел свет. Прифаќањето на сопствениот изглед ми била најтешката работа во животот. Признавам дека уште работам на тоа. Сум видела секакви видови тела околу мене, на плажа и надвор од неа.
Кога се говори за физички недостатоци телата им биле и со дрвена/вештачка нога, и со половина нога (бидејќи половината ја изгубиле при несреќен случај), ги имало без една рака и без две раце (баш на плажа пред неколку години во исто море сум се нашла блиску до жена без раце која насмеана се капеше и не обрнуваше внимание на туѓите погледи). И тие околу нејзе не ја доживуваа како нешто ненормално.
Само ако навидум беше малку поразлична од нас, не значеше дека треба да биде мета на критики и осуда. Ниту да ѝ се забрани пристап до плажа. Ако толку ве интересира немаше вишок килограми, имаше убаво тело, но на нејзе носеше блескава насмевка и имаше повеќе самодоверба од многу други девојки на истото место. Беше во зрелите години, имаше и маж покрај неа, со кој се смееја и изгледаа заљубени.
Кога таа се прифатила себе, кога си се сака каква што е, за нејзе најважните ја прифаќаат, зошто да ѝ е грижа што другите мислат за нејзиниот изглед? Одговорот е многу очигледен, нели?
Не е лесно да се биде жена во денешен свет, не било лесно никогаш. Не велам дека е лесно да се биде и маж. Не сум феминистка, но сакам рамноправност меѓу половите. Ретко да се прочита коментар на социјална мрежа од жена како “некој маж имал пивски стомак“, па да ги замоли сите мажи со пивски стомаци да намалат малку на пивата, соковите и лебот.
Околу темата за изглед, за убавина кај жените и за женското тело мажите отсекогаш биле погласни. Си земале за право да коментираат, па и да понижуваат нечиј изглед. Кога ќе помислам само колку деградирачки е тоа што жените со вишок килограми се дискриминирани при одлука за работно место во одредени професии. Конкретно мислам за актерство, музика, стјуардеси, секретарки, промотори…
Вишокот килограми ги спречувал да добијат главна улога, да испаднат од музичко шоу покрај прекрасниот глас и талент, но “не биле убави за око“, не добивале работа како секретарки бидејќи не ги задоволувале “стандардите“ дефинирани (непишани) за тоа како треба една секретарка да изгледа, што ли уште не.
Нели сфаќате дека “револтот“ кај поголемата маса девојки што изби завчера е сосема оправдан? Зад реакциите има поголема позадина од само една визуелна претстава на “дебел задник облечен во танга којшто е со целулит“. Само што сите не можат да ја видат. И слабите девојки имаат стрии и целулит. Можат да носат што сакаат. И крупните девојки имаат стрии и целулит, но можат да се пристојно убави и да носат што сакаат.
Жените трпат многу за нивното тело, од пубертетски проблеми (со акни, растење на гради, болна менструација итн.), потоа до здравствени проблеми со репродуктивно здравје или други нарушувања (ментални и физички). Тие можат да доведат до покачена тежина, потоа бременост и сè што носи истата. Списокот е предолг. Едноставно многу фактори играат улога.
Ако се размислува површно нема да се разбере реакцијата на сите кои му се “спротивставија“ на “ѕвездата“, а оние кои се согласуваат му се блиски пријатели. Истите мора да го поддржат иако длабоко во себе знаат дека не се во право. Или мислат дека можат да коментираат што ќе посакаат дека тие совршените па, секогаш се во право, и се најубави од сите, па сега ќе делиме оцени за нечиј изглед.
Чиниш на плажа се појдени да ги рангираат жените според следни критериуми: “која е највисока со најубав изглед“, која е со “тело гром, фаца лом, а која обратно“, “има најсекси газе“, “на која мали ѝ се градите“, “има убава предница“, “даска е, или е за машала “, “ниска е, ама убаво градена“, “ниска е, ама дебела“, “која е бомба“, “може да биде модел“. Ова се сите “жаргонски“ термини што машките меѓусебно ги користат при дефинирање на женски изглед.
Кога ќе се погледне вака во позадина, кога ќе се размисли што сè една девојка, жена поминува во текот на животот, дури и смешно е што воопшто се коментира нечиј изглед на плажа. Како да немал видено досега девојки по танга, како да немал видено секакви изгледи и форми, но желбата за привлекување внимание некогаш е поголема од рационалниот ум.
Сите можеме да се согласиме со едно: туѓиот изглед не е наша работа. Ако не се согласувате со мене, поработете на себе. Не велам дека треба да се промовира нездрав начин на живот, да бидеме “растресени“, да се ждере постојано, да не се води грижа за изглед, да не се биде физички активен и да се поддржуваат “плус сајз моделите“. Туку велам дека треба да се прифатат и таквите. Да не се осудуваат. Да не се шири говор на омраза. Да не се коментира неповикан. Особено не за деликатни теми.
Сега ќе си рече некој, а мене кој ме повика да искоментирам на темава на долго и широко? Одговорот е: должноста. Бидејќи ниту сакам, а ниту смеам да го премолчам ова. Мојата обврска произлезена од професијата налага да имам мислење речиси за секоја општествено важна тема, доколку е можно. Меѓутоа, за вакви теми коишто се однесуваат на секое човечко суштество, не смее да се нема мислење. Не сакам да наметнувам мој став со ова обраќање. Туку го изнесувам чисто како насока за размислување.
Се трудев повеќе да пишувам како лаик, отколку како психолог. Некако се обидов да ги испреплетам овие две бидејќи се поврзани меѓу себе. Поради должината на напишаното, мора да привршам со излагањето. Имам уште многу да кажам, но во наредна прилика. Само ќе додадам и дека мажите имаат одредени “проблеми“ со самодовербата кога е во прашање нивниот изглед. За оваа тема некој другпат.
Жени, сега конкретно вас ви се обраќам – не дозволувајте ничие мислење да влијае врз љубовта и прифаќањето кон вашето тело. Вашето сопствено гледиште е најважно, колку и да е субјективно некогаш. Не бидете престроги кон себе, но ни премногу попустливи. Мерата во сè е најважна. Ваше тело, ваше право.
Ваш изглед – ничија работа. Ваши одлуки – ваш живот. Бидете исправени, прегрнете се пред огледало и еднаш насмевнете му се искрено. Прифаќањето е првиот чекор кој може да ве одведе кон промени ако ги посакувате. Шепнете во себе и бидете сигурни во истото: „Јас го прифаќам моето тело, бидејќи е единствениот мој вистински дом“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.