Го гледам својот лик во огледало
и останувам без зборови
оти не можам себе да се видам
ама сенката испливува на површина
играјќи лоша игра на препознавање.
Привидение или сон е сето ова?
Ниту тебе не те препознавам.
Се изгубивме во маглата од премолчени зборови.
Оти ги штедевме како да ќе ни пресушат,
како да ќе останевме неми ако зборувавме.
Зборот или спојува
или раздвојува,
но душата препознава и памети.
Не сме истите, си мислам.
Никогаш нема да бидеме, заклучувам.
Процесот на растење постои
проткаен со непрепознавање
и соочување со себеси кое може да биде
брутално тешко, сурово,
но нека биде проклето вистинско
и искрено.
Оти само така ќе пораснеме,
непрепознаени, далечни како туѓинци
што некогаш се гледале во очи
нескривајќи го пламенот во нив
кој згасна со првиот сомнеж
како расипаната новогодишна сијаличка од елката,
како свеќата што ја гасам со топлиот здив
секогаш кога сакам да ѝ го продолжам животот,
И не сакам да бидам иста,
поинаква ми е името,
не дека сум тотално различна
туку дека сум обична и своја,
поинаква ми е името
оти таква е мојата судбина,
никогаш да не бидам иста
и во разноликоста да се двојам,
со поглед да избегнувам љубопитни очи
бегајќи од иронијата на впечатливоста,
кога упорно сакаш да си незабележлив,
а се чувствуваш како да си кукла на излог.
Не сакам да сум како кукла на излог во бутикот
ниту пак како девојките од насловните,
ама сакам да ме има во песните,
во страниците и зборниците,
оти зборот некого ќе го допре до сржта,
а сликата после некое време ќе избледи.
Не сакам да сум славна за да се сметам успешна,
не сакам да бидам богата за да речам успеав,
не сакам да ме тапкаат по рамо,
а веднаш штом свртам грб да превртуваат очи,
не сакам да слушам лаги
оти толку добро ги препознавам
и уште подобро глумам дека верувам во нив.
Не сакам да бидам една од многуте
запишано е некаде во ѕвездите
да сум една во илјадници,
и не ме прави тоа по ништо недостижна,
туку името ми е оригинална и ретка,
а презимето уникатна.
Не сакам да сум погрешно сфатена,
не се моиве мисли грандиозни
или преценети
ниту пак глумење некаква си посебност,
туку се искри од душата
што ги чувствувам и сакам да ги ослободам.
Трепетот на ракава
проследен со силно срцебиење
додека ги везам зборовиве
говори за натежнатото,
сведочи за овој наплив на емоции,
што мораше да се преточи во песна.
Не се ова мои најдобри стихови,
но потпишувам со крв дека се најискрени досега
и дека болат исто колку што ослободуваат,
и дека носат со себе безброј спомени
и приказни од некогаш и сега,
и мило ми е што на почеток не можев да се препознам.
Сега знам зошто.
Бидејќи гледав нешто што не сакам да видам,
а не можев да го променам,
лекот било во прифаќањето,
кога се прифатив ја видов онаа поинаква
светла верзија од себеси полна со надеж.
И не згрешив.
Поинаква сум и тоа ми е предност.
Но, не сум ништо посебно
на крајот сите исто ќе завршиме,
она по кое ќе сме запомнети само ќе остане.
*Со овие стихови учествувам во втор круг на онлајн балканскиот натпревар за поезија “Мили Дуели“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.