„За она што вреди никогаш не е премногу доцна или, во мојот случај, премногу рано да се биде кој и да сакаш…Се надевам дека живеете живот со кој се гордеете. Доколку сметате дека не е таков, верувам дека имате сила да почнете сè од почеток.“ – Ф. Скот Фицџералд
Содржината сместена е во 17 поглавја. Авторот ја претставува својата филозофија за како да се стане „легенда“. Го прикажува неговиот метод за станување во 5 часот наутро. Потоа кои техники треба да се употребуваат, како и практични совети и правила што ги измислил тој. Концептот се базира на револуционерна утринска рутина/навика којашто Робин Шарма ја презентирал пред 20 години.
Приказната за милијардерот кој не може на прв поглед да се препознае дека е толку богат е прераскажана преку животното искуство на двајца млади луѓе. Тие случајно седнуваат еден до друг на предавањето од „гуруто“. Се запознаваат, а потоа имаат судбинска и неочекувана средба со старецот.
Одлуката што ќе треба да ја донесат многу брзо ќе им го промени животот од корен. За неполни два дена им се случува пресврт за кој можеле само да сонуваат.
Важноста на раното станување е суштинско. Опишана е преку активностите кои жената, млада бизнисменка и уметникот ќе ги имаат секое утро во исто време.
Зад таа навика на будење точно во 5 часот стои цела причинско-последична врска. Зошто е важно тогаш да се започне денот, што да се прави во првите 60 минути од будењето итн.
Многу успешни луѓе во светот ја практикуваат истата навика иако на почеток не е лесно ниту едноставно да се применува. Утринската рутина бара малечки жртви, одредени откажувања, огромна дисциплина. Истите потоа долгорочно се исплаќаат, не се залудни и вродуваат со плод.
Меѓутоа, за да станете член во Клубот 5 наутро не е возможно веднаш после прочитување на книгата. Постои голем јаз помеѓу одлуката дека сакате да станувате рано, многу порано пред да се разбудат обичните луѓе, и во спроведување на истата во пракса.
Исклучителните луѓе, оние кои се мотивирани за промени, што сакаат да го променат својот живот на подобро се едни од тие што стануваат дел од овој клуб. Нивните почетоци не се лесни, впрочем како што е секој почеток за било што.
Како што споменав за постоењето на јазот, ако истиот сакате да го надминете, потребна е цврста одлука, како и преземање акција. Нема да преминете на другата страна со самата констатација, сè додека не го покажете тоа на дело. Пред кого? Секој поединечно пред самиот себе.
Едно од најважните правила што се учат при создавање на утринска рутина за станување наутро пред другите е постоење и одржување на самодисциплината.
Поседувањето силна волја, желба за промена, за искористување на секоја минута продуктивно, се клучни „атрибути“ во целата приказна на Клубот 5 наутро.
Моја препорака е да ја прочита секој што сака да прави позитивни промени во својот живот. Притоа, не мора да се биде член на Клубот 5 наутро, туку уште поважно е читајќи да ја извлечете важната поука. Книгата има повеќе такви поуки што можат да се применуваат во секојдневното живеење. Не е како останатите книги за самопомош, навистина е убаво склопена преку прераскажани случувања.
Комплетно ја оправдува „девизата“ – водич за постигнување мајсторство, книга со совети и илустрации за продуктивност на генијално ниво. Останува да ја прочитате и сами да донесете заклучок.
Оцена 4
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.