Тишината отсекогаш ми била најголема инспирација за творење. Не дека околината треба да е тивка за да пишувам, туку зборувам за поинаков вид тишина. Музиката, гласниот џагор околу мене никогаш не ми биле пречка за писмено да се изразам.
Кога во главата се јавуваат посакуваните мисли, околу мене и торнадо да се случува не ја губам концентрацијата. Тоа е еден мисловен процес, тек којшто не сакам да го прекинам. Ако го сопрам „течението“ на зборовите што треба да се исфрлат на хартија после одреден миг што и да напишам нема да биде како првично замисленото.
Пред неполна деценија пишував за мелодијата што ја свири тишината и уште стојам на истиот став. Дека од нејзе извира музика што душата ја разбира, а ушите ја слушаат.
Пишував и стихови со наслов „Молчи“ и кратка проза со наслов „Замолчи пред вистината“. Јас сум секогаш на страната на вистината. Дури и кога е болна, и кога е непосакувана да се слушне. Меѓутоа сметам дека треба да се процени во кој момент истата не заслужува да ја слушне секој.
Дали молчењето секогаш е злато? Одговорот е дека зависи од ситуацијата и околностите. Молкот некогаш знае да биде гласен одговор. Но, зошто луѓето не знаат да го прекинат во вистински момент?
Си ги премолчуваат чувствата поради многубројни за нив рационални причини. Една од нив е стравот да не бидат повредени. Друга е дека не сакаат да ги изразуваат нивните емоции без да се сигурни за туѓите.
Што сакам да знаете?
Сакам да знаете дека ако не комуницирате едни со други и ако оставате тишината да биде мост помеѓу вас, не си помагате. Зборувајте отворено, изразувајте се за да бидете разбрани.
Луѓето ниту можат да читаат мисли ниту знаат дека сакате да им кажете нешто. Ниту вие можете да „ѕирнете“ во туѓ мозок. Што сакам со ова да кажам? Дека многу работи ги премолчуваме, а сме сакале да ги кажеме. После одреден период за истото ни е криво, но некогаш нема назад.
Така се пропуштаат приликите да му се каже некому колку ви значи, недостига, ви е мило што го/ја гледате, дека сакате повторно да се видите. „Кажи го вистинскиот збор во право време“ е една мисловна загатка која секој од нас ја решава барем еднаш во денот.
Ако си го слушате внатрешниот глас и тој ви рече „подобро да премолчам“, вие правите така, а мислата засекогаш заминала. Отишла да лебди во просторот на сите неискажани зборови што требале да се ослободат.
Така се јавуваат недоразбирања, но и се губат контакти многу едноставно. На овој начин кога мостот на неискажаното ќе се испречи подоцна тешко е да се сруши.
Не градете вакви мостови со оние што вистински ви значат. Не штедете на зборови кои можат да ви го променат животот. Замислете, тие навистина го можат тоа.
Вистински збор изговорен во вистинско време навистина може да ја промени целата насока на нештата. Но, немојте и да се расфрлате со нив, знаете дека не можат да се вратат назад. Мојата тишина не секогаш значи дека немам што да кажам. Гласниот одговор кој е исполнет со отсуство на гласовен звук, кажува многу во некои моменти. Меѓутоа мирот вреди многу повеќе од непотребната драма.
Во просторот помеѓу моето молчење и желбата да се искажам се наоѓаат сите мои напишани дела. Не знам друг начин, тоа сум јас. Можам да бидам скржава со зборови, а во мислите останува роман што би можела да ти го раскажам. Така функционирам. Како може човек да функционира во денешен свет освен да се слуша себеси?
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.