Тело мое храм си ми,
долго време не те сакав,
долго време не те гледав,
долго време со мисли те менував.
Прости ми, не знаев, свесна не бев
ме водеше гнев од детството,
гласовите на оние што велеа да не те сакам само затоа што си поинакво,
ми велеа да се потрудам да те сменам тебе грбаво и никакво.
“Женско си, не седи така,
женско си, облекувај се вака,
женско си ама машкуданка,
женско си носи шминка,
женско си, смешкај се на секој нека ти стане навика,
женско си ќути, никој не сака паметна,
сакаат сите убава, глупава и неначитана.”
А тело мое да им кажам ли,
за сите наши лузни, шари и борби?
Да им кажам ли за сите препреки што заедно сме ги поминале?
За сите ѕвезди по кои заедно сме посегнале,
па истите ги шараат бутовите и колковите.
Да им кажам ли за сите кризи, солзи и болки?
За оние школки што ко сведоци за сите приказни го шараат и стомакот,
за лузните што говорат за борбата и чешаат за да потсетат во мракот.
Тело мое,
да им кажам ли дека ме оддржуваш во живот?
Да им кажам ли како навечер кога никој нема ме прегрнуваш?
кога веќе не можам застануваш,
па ме убедуваш да продолжам и заедно со мене продолжуваш.
Те сакам тело мое грбаво и шарено,
од илјада и двесте ѕвезди правено,
од борби и војни создадено,
од ангели чувари милувано,
од душата внатре чувано,
те сакам и можеби е предоцна за ова да го искажам,
ама го кажувам во чест на оние што пробуваат да ги излажат
и за своите комплекси да им наплатат.
Телото е храм на душата,
и кога ќе се врати назад од каде што е подарена,
во телото таа се одмора,
телото е тоа што на душата говори колку е таа сакана.
Автор: Анастасија Лефкоска