„Поетски нежности“ е збирка поезија со нежни и моќни поетски изблици во обид да допрат до секој што ќе ги прочита.
Во „Мурал на животот“ се советува човекот да се спореди со природата, Порачувајќи да биде слободен како птица и хармоничен со божественото. Поетесата порачува да се свртиме кон себе во стиховите насловени „Сеанса со себеси“. И да се ослободиме од негативната енергија. Да чекориме храбро, а вистината да ни биде ѕвезда водилка.
Во кратката песна „Ситни души“ на Диогеновски начин е во потрага по жив човек. Главните мотиви во целата збирка се животот, надежта, моќта на молитвата, љубовта, слободата и добрината.
Речиси секој стих има некаква порака, повик, поука која го тера читателот да размисли за својот живот, и неговите вредности. Во „Шаренило на детскиот живот“ се воздига детството и безгрижноста што ја носи истото, потенцирајќи дека најважен е душевниот мир.
Во еден стих се вели: „Патем, сè поминува, само она доброто останува“; каде се нагласува минливоста во животот и моќта на добрината. Во „Монолог“ поетесата акцент става на страдањето и моќта на подадената рака кога некој е во неволја.
Што кријат стиховите?
Молитвата, покајанието, добрината и благодарноста се главните мотиви во стиховите. Со оптимистичен тон зборовите проткаени со надеж ветуваат дека на крајот од тунелот секогаш има светлина. Пораката е дека топлината во срцето и мирот ќе се осетат во моментот кога ќе си кажеш гласно желбите. „Кога ќе му дозволиш на универзумот да прави магија“, како што гласи стихот.
Во една од песните Софија директно му се обраќа на читателот преку кратки и концизни слова кажува што претставува творењето за неа. Вели дека на зборовите им вдахнува живот, дека му пркоси на времето, и со перото во рака крвави до болка како Хемингвеј.
На последните страници ја открива тајната на бакнежот, потоа претставува преку творечки опис како се создава себеси со помош на уметноста. Преку боењето на платно, работењето со глина, со употреба на компарација зборува за “градење на себеси“ како личност. Трпеливо, со вештини, исто како што уметникот го создава своето дело и како рибарот кој со јадицата мирно чека да улови риба.
Во една од песните сака да се стори ветер, споредувајќи се со Алиса во земјата на чудата. Како за крај, во „Проштална вечера“ се простува од имагинативниот лик кој можеби е дел од нејзината реалност или измислен. Повредена и скршена од болка, преку симболиката на светото тројство, го истакнува бројот три поставувајќи три чинии на масата. Сепак дотерана, убава и достоинствена одлучува таа да биде последната вечера во која простува, гаснејќи ги свеќите зад неа ги остава тишината, вечерата, и темнината. Овие три елементи повторно го симболизираат бројот три, но и носат порака дека се збогува со имагинативниот лик кој не му е откриен на читателот, а тој засекогаш останува без неа.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.