Силвија Плат (27 октомври 1932 година – 11 февруари 1963 година) била американска поетеса и писателка. Нејзиното најпознато дело е „Стакленото ѕвоно“ што е полуавтобиографска книга за нејзината борба со клиничката депресија. Tаа почнала да пишува поезија уште во детството. Додека во адолесцентските години нејзината книжевна дејност станала систематична и дисциплинирана. Таа водела дневник, ги средувала своите белешки, го проучувала речникот на синоними кој му припаѓал на татко ѝ.
Својот прв расказ, „Летото нема повторно да дојде“ го објавила во август 1950 година, во списанието Seventeen. Но пред тоа ѝ биле одбиени дури 45 прилози, понудени во разни весници. Во 1951 г. ја освоила првата награда за проза на конкурсот што го распишало списанието „Мадмоазел“. Исто така освоила и две поетски награди на Колеџот Смит.
Освојување на престижна награда
Во 1955 г. ја освоила престижната награда Glascock за нејзината поема „Two Lovers and a Beachcomber by the Real Sea“. Својата прва поетска книга, „Колос“ Плат ја објавила во октомври 1960 г. Во текот на 1962 г. интензивно работела на збирката „Ариел“. Во јануари 1963 г., еден месец пред нејзината смрт, бил објавен романот „Стакленото ѕвоно“.
Во 1965 г. излегла од печат поетската збирка „Ариел“, а во 1971 година се појавиле двете збирки со необјавените песни на Плат, „Премин преку водата“ и „Зимски дрвја“. Во 1977 г., Хјуз ги собрал расказите, есеите и записите од нејзиниот дневник и ги објавил под насловот „Џони Пеник и библијата на соништата“.
Во 1982 г., на Плат ѝ била посмртно доделена Пулицеровата награда за „Собраните песни“ (Sylvia Plath: The Collected Poems), а истата година, во САД биле објавени „Дневниците на Силвија Плат, 1950-1962“. Покрај овие дела, се тврди дека постоел ракопис од нејзиниот недовршен роман „Двојна експлозија“. Во него се опишува бракот со Тед Хјуз, за кој се тврди дека имал околу 70 страници, но ракописот не бил никогаш пронајден.
Силвија Плат била редок пример на „школуван талент“
Творештвото на Плат симболично било заокружено во 1998 година, кога Хјуз ја објавил својата поетска збирка „Роденденски писма“ (Birthday Letters), посветена на неа. А насловната страна на збирката била направена од ќерката Фрида. Инаку, Хјуз бил извршител на поетскиот тестамент на Плат, иако е познато дека токму тој ја уништил последната тетратка од нејзиниот дневник, со објаснение дека тоа го направил „од обѕир кон нивните деца“.
Многу критичари сметаат дека Хјуз се обидувал да ги контролира сите можни публикации на Силвија Плат сè до неговата смрт во 1998 година. Дури и откако по многугодишното криење, тој го открил нејзиниот дневник. Хјуз цензурирал делови од нејзините текстови. Тој дури ја цензурирал и нејзината стихозбирка „Ариел“, отфрлајќи ги песните кои се однесувале на него.
Во историјата на американската книжевност Плат важи за редок пример на „школуван талент“. Се истакнувала со способноста врз несигурните темели (нарушеното ментално здравје и психичкото растројство) да изгради автентично уметничко дело. Во нејзината поезија внимателно и ефектно се соочени хистеријата и егзалтацијата, лиричноста и жестокоста, еруптивните емоции и внимателно оформените метафори.
Таа е клучниот претставник на т.н. „конфесионална поезија“ која се одликува со непосредност и отвореност во обработката на темата на „приватниот пекол“. Но исто така и со страст за самоуништување поради која критичарот Роберт Скоулз изјвил дека нејзините дела се напишани „меѓу две самоубиства“.
Инспирација за нејзините песни
Нејзините песни се инспирирани од приватните и егзистенцијалните теми при што таа се драматизира себеси во многу необични улоги. Се набљудува себеси како жртва на масовни злосторства, како одраз на митолошките и библиските јунаци. А главните машки ликови се претставени како спасители или предавници, па дури и како нацистички мачители. Од друга страна, на нејзината поезија не ѝ недостасуваат идилични и пријатни теми, слики од природата и мајчински мотиви.
Плат извршила големо влијание во феминистичкото движење при што била сметана за „симбол на уништениот женски гениј“. Така, писателката Онор Мур ја опишува збирката „Ариел“ како означувањето на почетокот на феминистичкото движење, велејќи: „Кога Ариел од Силвија Плат била објавена во САД во 1966 година, американските жени ја забележале. Не само жените кои вообичаено ги читаат песните, туку и домаќинки и мајки чии амбиции се разбудиле […] Ова е жена, извонредно обучена во нејзиниот занает, чии песни бескомпромисно го мапираа женскиот гнев, амбивалентност, и тагата, во еден глас со кој се идентификувале многу жени.“
Во тој поглед, самата Плат има изјавено:
Да, мојата најголема желба е да се мешам со морнари и војници, редовните во баровите – да бидам дел од сцена, анонимна, слушајќи, снимајќи – сето тоа е овознеможено од фактот што сум жена, жена секогаш наводно во опасност од напад. Мојот интерес за мажите и нивните животи често е погрешно сфатен како желба да ги заведам, или како покана за интимност. Сакам да зборувам со сите длабоко колку што можам. Сакам да бидам во можност да спијам на отворено поле, да патувам на запад, слободно да одам во текот на ноќта…
По нејзиното самоубиство во 1963 година, таа стекнала статус на икона и се смета за една од најдобрите поети на нејзината генерација.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.