Спроведено е ново истражување за интелектуалните ризици. Го претставуваме во продолжение.
Новата студија на меѓународен тим на истражувачи објавена овде покажува дека преземањето ризици е важен дел од креативноста. Истражувањето се сосредоточува на специфичен вид преземање ризици, имено, интелектуални. Тоа помага да се предвиди кој ќе се вклучи во покреативни активности и кој ќе има позначајни и поприфатливи креативни достигнувања.
Оние што не сакаат да преземаат интелектуални ризици, дури и ако се самоуверени во својата креативност, може да не го доживеат посакуваниот успех. Креативноста бара одредено, неопходно ниво на преземање интелектуални ризици.
Што е преземање интелектуални ризици?
Можеби тоа најдобро го доловил Пабло Пикасо: „Секогаш го правам тоа што не го умеам, со цел да можам да научам како се прави истото.“ Се работи за форма на адаптивно преземање ризици, многу поразлично од типичните, кои се асоцираат со непромисленост, коцкање или нездраво однесување (на пример, ризично сексуално однесување).
Преземањето интелектуални ризици се однесува на дејствија што личноста ја прават подложна на евентуален неуспех, во процесот кога се обидува да научи нови вештини или да проба нови идеи.
Целта на меѓународниот истражувачки тим била да открие како преземањето интелектуални ризици влијае на креативноста. Им биле поставени три групи прашања на повеќе од 800 лица на возраст од 18 до 79 години.
Прво биле прашани колку е веројатно да се вклучат во низа дејствија карактеристични за преземањето интелектуални ризици (на пример: „Сакам да правам нови работи, дури и ако не сум добар во нив“, или „Сакам да научам нови работи, дури и ако правам грешки“).
Потоа луѓето одговарале колку се самоуверени во својата способност да бидат креативни (на пример: „Верувам во своите креативни способности“).
Што покажале резултатите?
Најпосле, луѓето одговарале на прашањата во врска со креативноста, кои се однесувале на тоа дали минатата година се вклучиле во повеќе креативни активности поврзани со пишувањето, музиката, готвењето, уметноста и занаетчиството, спортовите, визуелните уметности, сценските уметности, науката и инженерството. Како и за тоа колку успеале во различни области на креативното творење (и пак, од готвење до новитети во уметноста и науката, почнувајќи од тоа колку биле позитивно прифатени од пријателите и семејството, па сѐ до добивањето признанија на национално ниво).
Според резултатите, преземањето интелектуални ризици е поврзано со креативната самодоверба и креативното однесување. Оние што сакаат да преземаат интелектуални ризици се повеќе склони да веруваат дека поседуваат способност да бидат креативни, и имаат поголеми креативни достигнувања од оние што не сакаат да преземаат интелектуални ризици.
Но, тука приказната станува уште поинтересна
Истражувачите дошле до сознание како преземањето интелектуални ризици и креативната самодоверба може да „се здружат“ и да овозможат креативноста да дојде до израз.
Се чини дека преземањето интелектуални ризици добро влијае на тоа како креативната самодоверба го предвидува креативното однесување. Истражувачите го откриле прагот на минималното преземање интелектуални ризици, по чие преминување креативната самодоверба се поврзува со поголеми креативни активности и достигнувања. Но, ако не се помине тој праг, дури и ако некој поседува креативна самодоверба, истата не мора да резултира со креативно однесување.
Добра вест е што прагот на преземање интелектуални ризици, идентификуван од истражувачите е релативно низок. Со други зборови, не мораме да бидеме подготвени постојано да ризикуваме, туку само да го преминуваме споменатиот праг, што е доволно да станеме покреативни.
Друга група истражувачи испитувале поинакви видови на преземање ризици
Спроведени се две истражувања на околу 500 луѓе. Меѓу нив имало и студенти и останати возрасни, кои биле прашувани колку се подготвени да преземат пет видови ризици: етички, финансиски, здравствени и други поврзани со безбедноста (на пример, возење автомобил без безбедносен појас), рекреативни и социјални (отворено кажување на своето мислење за непопуларни теми за време на работен состанок).
Но, не се сите ризици исти
Резултатите покажале дека не сите видови ризици се еднакви кога станува збор за креативноста. Единствениот вид преземање ризици што доследно ги предвидувал креативните достигнувања е социјалниот ризик.
Ваквиот ризик има многу допирни точки со интелектуалниот, имено, и социјалниот и интелектуалниот ризик ја изложуваат личноста на можен неуспех. И во нејзините очи и во очите на другите и ја покажуваат нејзината подготвеност да се вклучи во нив и да сподели нови идеи.
Истражувањето укажува на важноста за преземање пресметливи ризици поврзани со јас-концептот (на пример, ризикот кога се обидуваме да научиме нешто ново) или со репутацијата (на пример, ризикот кога нашата идеја може да биде критикувана, па дури и исмевана).
Како и да е, повеќето луѓе не сакаат ризици.
Што би можеле да направиме да ги преземеме ризиците пред кои сме анксиозни?
Што можат да сторат родителите што сакаат да ја поддржат креативноста на своите деца, лидерите на работа, или, едноставно, луѓето што сакаат да бидат покреативни?
Елеонор Рузвелт одамна нѐ предизвика секој ден да правиме по нешто од кое се плашиме. Ова е мудар совет. Нештата од кои се плашиме нѐ изложуваат на ризикот од неуспех. Не мораме да се чувствуваме удобно додека ги преземаме таквите ризици. Научниците што го проучуваат организациското однесување прават разлика помеѓу толерирањето на ризиците и трагањето по истите.
Не мораме по природа да бидеме трагачи по ризици
Попрво, мораме да бидеме способни да се носиме со ризиците, дури и ако не се чувствуваме удобно со тоа. Предизвикувањето на самите себеси и останатите околу нас за преземање мали ризици, може да ни помогне да го поминеме неопходниот праг споменат во истражувањето.
Д-р Зорана Ивчевиќ Прингл, од Универзитетот Јејл
Превод од англиски: Симеон Јанков