Седејќи покрај својот пријател додека чекаа да им ги донесат пијачките онака сосема неочекувано, Винсент му рече на Семјуел: „Да не си ми во кожа.“
Семјуел: Што се случува?
Винсент: Да не си ми во кожа.
Семјуел: Добро Винсенте, те разбрав дека ти е лошо, но морам да знам што те измачува толку за да знам како да ти помогнам.
Винсент: Каков пријател си ти кога не можеш да погодиш за што станува збор? Да не си ми во кожа!
Семјуел: Добро, ќе кажеш веќе еднаш што е проблемот?
Винсент: Да не си ми во кожа, додека не погодиш нема!
Семјуел: Навистина си станал тврдоглаво магаре Винсенте!
Винсент: Да не си ми во кожа, Семјуел!
Семјуел: Знаеш, не ни посакувам да бидам во нечија кожа, и оваа мојава што ја имам ми е доволна.
Винсент: А, скапо ли ја плати?
Семјуел: Ќе ми платиш ти мене убаво ако не проговориш за што станува збор, ќе ми платиш Винсенте скапо ти се колнам како во
старите добри времиња кога бевме малечки и ти се колнев дека ќе те истепам ако не ми дадеш пола од чоколадото.
Винсент: Види го магарето се налути, а јас посериозен никогаш не сум бил.
Семјуел: Викаш сериозен си, ништо не кажуваш и не можам да те разберам. Играш некоја игра, ама ќе ми платиш за ова да знаеш!
Винсент: Море, да не си ми во кожа!
Семјуел: Ти нема да се опаметиш вечерва така?
Винсент: А, со пивата што ги порачавме следува гратис среќа?
Семјуел: Само ако знаеш да ја препознаеш!
Винсент: Ми беше убаво во своја кожа, сега веќе престана да ми биде, сам не можам да си се препознам.
Семјуел: Гледам дека нешто не е во ред, да ја оставиме шегата на страна, што се случило?
Винсент: Ти реков, да не си ми во кожа! Никому не го посакувам ова Семјуеле, дури ни на смртен непријател.
Семјуел: Добро по ѓаволите, ќе ми кажеш што се случи и зошто вака зборуваш?
Винсент: Ме остави. Си замина, ги собра куферите и ме напушти засекогаш.
Семјуел: А, со себе ја понесе и твојата среќа така?
Винсент: Однесе цел еден живот, го спакува в куфер и не побара да ѝ помогнам.
Семјуел: Ти сакаше да ѝ помогнеш, веројатно таа не чувствувала потреба од помош.
Винсент: Ама само сакав! И да не си ми во кожа, пак ќе ти речам.
Семјуел: Ќе се врати, ќе видиш!
Винсент: Откако зеде сѐ со неа?
Семјуел: Откако ќе сфати дека згрешила!
Винсент: Нема да се врати истата, а ниту јас ќе бидам истиот.
Семјуел: А, знаеш дека не можеш да очекуваш од никого да биде исиот?
Винсент: Се плашам дека нема да ја препознам.
Семјуел: Мислиш таа за истото се плаши?
Винсент: Да се плашеше, немаше онака да замине…
Семјуел: Чудни се овие жени! Знаеш дека мене не ми оди со нив, а вам навистина ви се восхитував.
Винсент: Не помага восхитот брате, не барам помош само барам да ме разбереш и да не си ми во кожа никогаш!
Семјуел: Ќе видиш дека ќе се врати кога ќе увиди дека згрешила.
Винсент: Таа и сега е присутна, овде под кожава во која не сакам да бидам.
Семјуел: Знаев дека си вљубен, ама до овој степен дека си дошол не можам да поверувам.
Винсент: Не знаев ни јас пријателе, всушност ништо не знаеме за љубовта додека не нѐ здоболи, додека не здоболи доволно силно со ефект како да ти ја дерат кожата, е толку сме неуки!
Семјуел: Значи според ова јас сум неук, после се чудам зошто не ми одело со жени.
Винсент: Има време, ќе се појави еден ден некоја што ќе те научи, ама ако се научиш да не живееш без неа, готов си!
Семјуел: Место јас тебе, ти мене совет. Знаеш дека не сум добар во давањето совети.
Винсент: Доволно е што ме ислуша, брате. Нејзе ништо не ја вади од таму.
Семјуел: Од под кожа?
Винсент: И од таму, и од цело мое битие.
Семјуел: Ти нема спас тебе пријателе, љубовта ќе те дотолчи.
Винсент: Не е само љубов во прашање, и навика и уште триста ситници…
Семјуел: За сѐ има одвика, ама од љубов тешко дека може некој да те одвикне.
Винсент: Не би сакал никогаш од неа да се одвикнам!
Семјуел: Епа затоа после ќе викаш да не ти бидам во кожа. И не ни сакам да бидам во ничија кожа, ти кажав мојава ми е доволна.
Винсент: Сам себе си доволен ти, затоа така викаш.
Семјуел: Што ако така повеќе ми одговара?
Винсент: Ќе останеш цел живот неук.
Семјуел: Поарно неук ама да сакам да сум во своја кожа, и никој да не ми биде под неа…
Винсент: Тоа не е можно. Ќе се увериш во овие зборови еден ден, јас ниту планирам, ниту можам да те убедувам.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.