Новогодишната вечер е еден од најславените празници ширум светот. Додека бевме деца бевме возбудени затоа што ќе може да останеме будни до доцна во ноќта. Како воздрасни, едвај се воздржуваме да не заспиеме пред полноќ, после долгиот работен ден. Но како започнала традицијата за Нова Година? И зошто ја славиме така како што ја славиме?
Кога започнало славењето на Нова Година?
Најрано забележана прослава за Нова Година е во Месопотамија околу 2000 години пред наша ера според некои историчари. Прославите се случувале за време на пролетната рамноденица. Тоа време се сметало за почеток на годината, според тогашниот календар. Се одржувал единаесет дневен фестивал, што веројатно ќе ја засрами нашата еднодневна прослава на Нова Година.
Според историчарите, луѓето во Месопотамија изведувале ритуали, ја славеле религиозната победа на небесниот бог Мардук над морската божица Тиамат. Во тоа време крунисувале нов крал или му дозволувале на стариот крал да продолжи со владеење.
Зошто славиме Нова Година во јануари?
Според историчарите, Нова Година не била секогаш прославувана во јануари. Античките Римјани го следеле лунарниот циклус, а новата година ја започнувале во март. Астрономот Созиген го убедил Јулиј Цезар да ја следи сончевата година. Од 46 година п.н.е. новата година започнувала во јануари.
Ова било делумно направено во чест на богот Јанус, според кој е именуван првиот месец – јануари. Бидејќи Јанус имал две лица, тој истовремено можел да гледа назад во минатото и напред, кон иднината. Тоа го прави одличен симбол на празникот кој го славиме.
Новогодишни традиции
Со текот на времето новогодишните традиции се менуваат. Како една традиционална новогодишна традиција е носење на одлуки кои ќе ги направиме во новата година. Многу потежок е делот да се држиме до донесените одлуки.
Давањето новогодишни подароци, новогодишни здравици и богата новогодишна трпеза се мал дел од новогодишните традиции. Овде не смееме да ја заборавиме руската салата со кифличи, традиција која со задоволство се прифаќа и се пренесува на наредните генерации.
Некои од нас се бакнуваат на полноќ, други се молат за подобра година, трети замислуваат желби. Речиси сите китиме новогодишни елки. Оваа традиција започнала околу 1600 година, во Гермина.
Без разлика каква е вашата семејна новогодишна традиција, ние ви посакуваме да уживате во неа.
Прочитајте ја историјата на новогодишните украси.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.