Ако сакате да дознаете повеќе за славниот јудејски цар Соломон, изградбата на славниот храм во Ерусалим и за основање на Масонството прочитајте ја оваа прекрасна книга од францускиот писател Кристијан Жак.
Кристијан Жак е француски автор и египтолог кој има напишано повеќе од 50 книги, повеќето се историска фикција.
Јудејскиот цар Соломон, надарен со мудрост од Бога од кого постојано добива помош и вдахновние се спријателува со големиот мајстот Хирам кој е градител на неговиот храм. Двајцата се различни, но и многу слични.
Соломон е прикажан како голем визионер кој излегува надвор од границите на својата држава и својата вера. Постои божествено разбирање меѓу овие две различни личности и огромна почит. Верата, нацијата и различната култура воопшто не се пречка за взаемна почит која на моменти како да наликува на конфликт.
Соломон
Соломон е познат крал на Јудеја. Син на Давид. Сопственик на раскошен харем од илјада жени и штала со дванаесет илјади коњи. Човек кој ја избра мудроста од сите дарови што Бог му ги понудил, за да може да разликува меѓу добро и зло. Праведен судија. Поет кој напишал три илјади паметни изреки и над илјада песни. Смртник кој умеел да зборува со животни, птици и духови. Верник кој дрско прекршил две Божји наредби и неговото срце залутало. Владетел кој му обезбеди мир на својот народ и ја доби благодатта да го изгради Храмот во Ерусалим која е скривница за Ковчегот на заветот.
Хирам
Тој е генијален мајстор градител. Аскет вознесен од учењата на египетските свештеници. Тој е свесен за себе и за важноста на она што го знае и умее да го стори. Тој е исто така главен основач на Братството на масоните. Поседувач на тајно знаење, кое го бранел со својот живот. Човек чија смрт сè уште е дел од масонската иницијација, како симболична драма.
Но, покрај судирот на религијата и нацијата, дали можеби постои и љубовен судир меѓу овие две големи личности? Дали станува збор за љубов кон иста жена? Дознајте во овој роман кој ќе ве плени од првиот момент со својата леснотија, читливост и многу интриги, плетки и жртви на кралскиот двор.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.