Агрипа д’Обиње (8 фебруари 1552 – 29 април1630), познат и како поет-војник, неприкосновен протестант и историчар на своето време. Ја спознава трагедијата уште при своето раѓање кога ја губи мајка си, поради што и го добива своето име Агрипа (доаѓа од латинските зборови aegre partus што означува тешко породување). Целиот негов живот го прати несреќна и трагична судбина којашто остава траен печат на неговите дела.
Чудо од дете
Уште како мал бил чудо од дете, односно уште на седумгодишна возраст можел да чита и пишува на латински, еврејски, грчки и француски јазик. Негов учител е големиот протестантски водач Теодор Де Без. На млади години, несреќно се вљубува во Дијана Салвиати во којашто наоѓа инспирација за пишување на неговата збирка сонети Хекатомба за Дијана (Hécatombe à Diane) и неговите станци Пролет (Le Printemps).
Советник на кралот Анри IV кој преминува во католицизам
Советник и близок пријател на младиот крал на Навара, идниот крал Анри IV, зел учество во многу битки, во кои застанува во одбрана на протестантизмот. Тој останува негов приврзаник сѐ до неговата смрт. За разлика од него, неговиот пријател Анри IV, кој го прифаќа католицизмот со бракот со Маргарита од Валоа на 24 август 1572 год. На тој ден се случува масакрот на Свети Бартоломеј. Имено, неколку илјадници протестанти кои биле поканети на свадбата, ја наоѓаат својата смрт во оваа ужасна Бартоломејска ноќ. Агрипа д’ Обиње, како што и самиот кажува во неговото автобиографско дело Мојот живот за моите деца (Vie à ses enfants), тој ден не е во Париз и поради тоа успева да ја избегне смртта.
Станува дедо на маркизата де Ментенон – втора сопруга на кралот Луј XIV
Покрај други дела, д’Обиње пишува и една сатира во проза, Авантурите на баронот де Фенесте (Les aventures du baron de Foeneste) во која во главниот лик Енеј можеме да го препознаеме лично токму него. Неговото историско дело Универзална историја (L’Histoire Universelle), кое излегува од печат во 1619 год. го опфаќа периодот од 1552 год. до 1602 год. и ја раскажува историјата на Франција и на сите држави со кои во тоа време Франција е во дипломатски односи, па оттука и насловот на делото.
Пред крајот на својот живот тој е длабоко потресен од фактот што неговиот син Констан преминува во католицизам. Исто така, преку неговиот син, станува дедо на маркизата де Ментенон – љубовница, а подоцна и сопруга на кралот Луј XIV.
Агрипа и Ронсар
Агрипа д’Обиње за првпат го запознава Ронсар (француски поет и современик на д’Обиње) на шеснаесет години и првото дело му го посветува токму нему; тој е неговиот учител за кој покажува голема почит и чиешто влијание најмногу се гледа во неговата збирка љубовни песни Пролет. Тоа е збирка лирски песни во форма на сонети, станци и оди кои, за жал, не се публикувани за време на неговиот живот. Но, секако, топлината и чувствителноста на Ронсар уште на самиот почеток наоѓаат свој силен оддек при искажувањето љубовни чувства кај Агрипа д’Обиње.
Лирски поет
Кај д’Обиње е присутна градација во емоциите во рамките на неговиот лиризам, што е особено видливо во неговото прво напишано дело Пролет. Несомнено сонетите, кои ги напишал први бидејќи се поместени во првиот том на ова дело, се симбол на времето во кое живеел. Тие како да губат од својата спонтаност, и не го достигнуваат длабокиот емотивен ефект и сензибилитет на станците.
Станците се карактеризираат со искреност и во нив поетот искажува претерана страст која како да нема човечки размери. Овие песни ја преставуваат неговата младешка занесеност од Дијана Салвиати која ја запознава најверојатно летото 1570 година. Оваа млада Италијанка со повисок социјален статус од оној на д’Обиње (и која останува да биде негова најголема љубов) е токму внуката на онаа „саканата“ Касандра Салвијати на која Ронсар ѝ ја посветува збирката песни Љубови за Касандра. За жал, нивната кратка врска не вродува со плод заради различните верски убедувања.
Прочитајте ја неговата станца Блесокот на твоето божествено лице посветена на Дијана Салвиати.
Блесокот на твоето божествено лице
Блесокот на твоето божествено лице разорен беше,
Јас, само еден човек смртен, твојата рајска убост
Да ги вкусам смртта, смртта и пропаста , ме тераше
За повторно да пронајдам бесмртност.
Твојот божествен оган ја изгоре мојата смртна душа
Твоето божественост ме вознесе кон рајот, ме плени,
Твојата душа беше божествена, а и мојата стана таква:
Божице, ти ме порамни со богови толку ме смени.
Мојата се осмели да ја допре твојта румена усна
Да ја вкуси, без да ја осмрти, бесмртната убавина,
Живеев од нектар, цицав амброзија вкусна,
Вкусувајќи го најслаткото од божествената медовина.
Очите на љубоморните богови исполнети со бес беа,
Зошто како што на Бог доликува, жртвеници имав димни
И, на мене, кој Бог сум потеан, лути од завист се црвенеа,
Кога мојата неславна ѕвезда Небесата ја сокри.
Дури и лажниот Бог, одбиен за бакнеж,
Одмазда бара за својот немоќен гнев
Кога бакнежот го собрав и го легнав
Петтиот плод на најслаткиот нектар.
Овие завидливи заслепени луѓе војуваа против мене,
Подигајќи скалата кон небесата, тие се искачија таму
Но, од мојот рај ја презирам нивната земја
И таа не ми значи ништо во споредба со твојата убавина.
Исто така, можете да го слушнете и рециталот на оваа песна на следниов линк на француски јазик Рецитал на песната „A l’éclair violent de ta face divine“ од Теодор Агрипа Обиње.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.