Skip to content

Мобингот на работното место и неговите последици

  • by

Мобинг е термин за насилство (физичко, психичко,или сексуално). Овој поим е патолошка (непријателска и неетичка) комуникација на работното место. Врз негова основа, преку една или повеќе личности (претпоставен или група колеги) се врши психичко, физичко или сексуално злоставување и ставање на работникот во безизлезна и беспомошна ситуација. Мобингот претставува емоционален терор врз жртвата, тој е длабок и сериозен проблем кој нè засега сите нас. Тој е емоционален напад врз личноста на работното место.

Во тој контекст, особено денес случаите на мобинг се многу чести и се манифестираат низ пократок или подолг временски период. Како резултат на тоа непријателско однесување на поединец или група на поединци кон одредена индивидуа или група луѓе, жртвата на мобингот се соочува со големи емоционални, ментални и социјални страдања.

Самиот збор “mobbing” потекнува од глаголот “to mob”  што значи да се нападне, навреди. Често се поврзува и со зборот bully (силеџија, насилник, злоставувач) и “mobbish” што значи комплетно општествено деградирање. Ваквото однесување (мобинг) може да се спореди и со однесувањето на некои животни. Генерално се работи за недефиниран, но одамна постоечки облик на злоупотребување на работно место. Во суштина значи напаѓање, секојдневно навредување, омаловажување, понижување, злоставување, преместување на пониска работна позиција, послабо платена работа, извршување работни задачи предвидени за повисоко интелектуално ниво и слично сè до точка кога личноста врз која е извршен мобингот повеќе не може да функционира на работното место. И сè со крајна цел таа личност да се прогласи за неспособна за своето работно место.  Жртва на мобинг може да стане секој, без разлика на пол, возраст, искуство и сл.

Видови на мобинг, видови на напади, и здравствени симптоми

Мобингот се дели на вертикален и хоризонтален. Вертикален е кога се врши мобинг од претпоставен врз подреден работник, или кога група претпоставени злоупотребуваат група подредени работници. Хоризонталниот е меѓу работници на исто ниво во хиерархијата.

Категориите на напад се:           

– напад на можноста за адекватно комуницирање – жртвата се прекинува или игнорира во разговорот, се одбива  вербален и невербален контакт со неа;

– напад на можноста за одржување на социјални односи – никој не ѝ се обраќа на жртвата, забрането ѝ е да им се обраќа на останатите, се однесуваат како да не постои;

– напад на личната репутација – измислување на лажни приказни за жртвата, за нејзиниот личен и професионален живот, озборување, исмејување;

– напад на квалитетот на професионалната работа – постојани критики и приговори, навредување, понижување, претерана контрола, постојано казнување;

– напад на физичкото здравје – жртвата е принудена на работа која го загрозува нејзиното здравје, не ѝ се дозволени годишни одмори или слободни денови, се приговара за боледување или сексуално се малтретира.

Долготрајната изложеност на мобинг драстично го загрозува здравјето на жртвата. Најмногу страда нејзиното психичко здравје. Кај жртвата на мобингот се појавуваат одредени здравствени  симптоми кои за жал имаат огромно негативно влијание врз нејзиното понатамошно функционирање (физичко и ментално).

Здравствените симптоми се делат на:            

– промени во психичката и емоционалната сфера, кои предизвикуваат: депресија, анксиозност, чувство на деперсонализација, паника, социјална изолација;

– промени на телесно здравствен план: главоболка, вртоглавица, хипертензија, кожни проблеми, срцеви проблеми;

– промени во однесувањето: агресивност, пасивност, зголемено конзумирање лекови, алкохол, цигари, сексуално пореметување.

Дијагнозата која се јавува како последица од мобингот во Светската здравствена организација е позната како „Пострауматско стресно пореметување“.

Жртви на мобингот

Најчести жртви на мобингот се личности кои воочиле и пријавиле неправилности во работата, личности кои бараат поголема самостојност во работењето или подобри услови за работа, личности кои после долгогодишно работење бараат признание (за морална сатисфакција), млади личности на почеток на својата кариера, технолошки вишок, личности пред пензија и сл. Карактеристики на овие жртви се: самокритичност, осаменост, лично обезвреднување, борба за блокада и елиминација на мобингот.

Мобер

Под мобер се подразбира личност која на различен начин ( психички, физички, сексуално)  малтретира, злоставува, врши притисок со цел да ја елиминира (отстрани од работното место), заплаши, потчини личноста која на некој начин  му пречи или сака да ја искористи. Според мене, а сигурна сум дека и вие ќе се согласите со моето мислење дека моберите преку мобингот си ја прикриваат немоќта, незадоволството и личната неспособност што ја имаат во другите сфери на животот (најчесто приватниот живот).

На тој начин се чуствуваат инфериорно, задоволно, моќно. Најголемиот дел од моберите сето тоа го прават намерно, само за да отстранат одредена индивидуа од своето работно место, поради забава, здодевност, да ја отстранат својата конкуренција и слично.

Начини на спречување и борба против мобингот

Јас сметам дека потенцијалното решение за овој проблем е преку пронаоѓање начини да се собере храброст и решителност за спротиставување и пријавување на злоставувачот. Меѓутоа тоа не е лесно, зашто луѓето се плашат да не го загубат своето работно место, углед и статус во општествената средина. Законските мерки кои би помогнале во борбата против мобингот треба да обезбедат права на работниците за нивното физичко и психичко здравје. Треба да се присилат работодавците да вршат редовни интерни контроли, како би можеле да преземат мерки уште во раните фази на мобингот.

Исто така, треба да постои закон за присилна директна интервенција веднаш по откриениот мобинг. Потребно е да се обезбеди и стручна рехабилитација на работникот. Работниците да бидат заштитени од синдикатите и стручните професионалци (психолози) во компанијата. Токму поради тоа што мобингот веќе не е табу – тема, соодветните законски норми против него, треба да доведат до негово елиминирање и праведно казнување на неговите сторители.

психолог Ангелина Василевска

Напишете коментар