Човекот е битие кое постојано трага, постојано талка.
Таков си е зашто нешто однатре го копка, го „јаде“.
Станал како Диоген кој човек бараше меѓу луѓе.
Талка со фенерот, и можеш да видиш дека
во свивањето на срцето негово има крик.
Бол и непребол. И гордост.
Знам за еден таков народ,
кој покрај сите бури секој ден одново и одново воскреснува.
И земјата во која живее ја знам – Македонија се вика.
Тие се луѓе на кои тоа име им е врежано во срцата нивни.
Тоа име е штит на страдалните нозе
кои ја газеле земјата плодна а потоа ја бакнувале,
тоа е земја каде мајките нивни ги задоиле,
и земја каде децата својата детска наивност и добрина
ја постилаат на земјата место најсвилен килим.
Тоа е народ каде како колера се шири себедавањето.
Каде знамето е сведок за намачените потни лица на нивните предци,
како столбови, врз кои тие си соѕидаа куќи на незаборавот.
И како никој да не ја виде љубовта со која тие луѓе го чуваа тој спомен.
Достојно. И чесно.
Го мачеа многумина тој народ, и ете пак е исправен и стои.
Осветен е од моштите на Свети Климент,
и блеска од елејот кој е помазуван на нивните изморени чела.
Охридското езеро колку и да се се бранува
не ќе може да го достигне пулсот на срцата на тој народ.
Црквите како извори непресушни
ги повторуваат молитвите на македонски јазик.
Тие потсетуваат каде е коренот на жртвата,
и лулката на описменувањето,
каде е првиот Универзитет на овие простори.
Тоа е земја, каде се пролеа крвта на многу нејзини синови,
и до ден денес се слуша плачот на мајките нивни
и како ехо се враќа во ушите наши.
Таа е земјата на Мисирков, земјата на Прличев и Миладиновци,
И да, земјата на која како на платно
се извезени сите нејзини победи и порази.
Земја каде од нејзините води се преродуваат душите на тие луѓе,
за да се измијат од нечистотијата на оние кои сакаат да ја парчосаат.
Токму таква е таа земја. Каде ако одиш не ќе можеш да останеш свесен,
зашто за век ќе те заробат
со она што Господ им го дал на дар-добродетелта.
И талка човекот, и остава траги зад себе,
Но тој не талка зошто не знае накаде оди,
Туку затоа што сто пати духовно се раѓа
И го живее заветот кој му го оставиле.
Ех, Македонецу-чудо кое ќе обитава во вечнини.
Димитра Десановска