Да не постоеше ти, ќе морав да те исткаам. Да те составам во мечтиве. Во сништава. Во мене да те создадам, оти ти единствено во мене припаѓаш. Ми ги будиш сетилата. Фантазиите. Мене од длабокиот сон ме будиш. Ме храбриш. Создаваш дива ѕверка од мене, која не посакува ништо друго освен да го зграпчи животот. И тебе. Или можеби ти ме ткаеш мене, па затоа јас не можам никако од тебе да се одвикнам. Но не. Ти не си навика. Зависност си. Зависност што единствено се лечи со тебе. Со твоите зборови. Со твоите допири. Со погледот од твоите длабоки очи.
Да не постоеше ти, ќе морав да те исткаам. Ќе те ткаев во мисливе. Ама не плаши се. Јас на тебе ништо не би сменила. Дури и сама да те ткаев, не би те исткаила таков каков што си. А мене токму таков ти ми требаш. Суров. Брутален. Искрен. Одлучен. Ама и ранлив. Кршлив. Здробен. Повреден. Ти си токму таков. Реален. Точка на кулминација си. Точка во која се судираат сите прекрасни чувства. Насмевка, трепет, возбуда. Ама и точка во која горат силни копнежи и страсти. Точка полна бес. Точка полна искушение. Точка која доминира на сликата. Точка која е поголема од самата слика. Точка која е свет со купишта убави и лоши работи, а што е светот ако не е баланс меѓу убавото и лошото?
Да не постоеше ти, ќе морав да те исткаам. Ќе те ткаев во соновите. Ама таков како тебе ни на сон не би исткаила. Ни на сон не би сретнала. Ти си некој пред кого сум преслаба. Толку слаба, а толку силна и слободна, што ниту самата себеси не се препознавам. Ама ја сакам таа верзија од себеси. Затоа да не беше ти, јас ќе те исткаев во соновите. Токму таков, таков каков што си. Реален. Некој по кој душава ми вреска. Вреска оти толку своја претходно не била. Некој по кој телото копнее. Копнее оти знае дека ќе ти се предаде. Некој од кој разумот бега. Бега оти не сака да верува дека таквите како тебе постојат. Претерано реален за да бидеш вистински. Ете затоа, ако ти не постоеше, јас ќе те исткаев. Немаше да исткаам некој како тебе. Туку тебе ќе те исткаев.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.