Сакај се мила – Наталија Наумовска
Сакај се мила
 оти никој повеќе од себе нема да те сака,
 сакај се мила
 оти ѝ го должиш тоа на својата душа,
 сакај се мила, срцето сè слуша
 и она што телото му го вели
 и она што во разумот знае да се всели.
 Сакај се мила
 и може никој друг на светов да не те сака
 прегрни се себе, ти се имаш сама,
 сакај се и кога мислиш дека најмалку заслужуваш
 и кога ти е сеедно,
 но и кога најмногу заслужуваш да си сакана.
 Оти секој ден треба да си таква,
 полна со себељубов и во тмурен ден
 полна со радост и во сиви денови,
 оти секој ден ќе ти е љубов,
 ако си го направиш таков,
 ако си го создадеш од себе, за себе.
 Не заслужуваш ништо помалку од чиста љубов
 ништо повалкано од чисто срце и чесни намери,
 од неизвалкани мисли, само од оние
 слатко валканите во умерена доза,
 ништо почисто од чиста душа
 и искрени зборови
 поискрени од јасно огледало,
 почисти од детска солза.
 Сакај се мила,
 запомни дека ти си љубов
 што ја носиш и чуваш во себе.

Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.

