(На мајка ми)
Непрежалена си ми ти,
непребол недогледен ти си ми,
недоречен, таговен и проклет,
едвај искажан низ годиниве редум,
зашто и зборовите в срам молчат
пред горкото признание
дека во нив тагата моја,
воздиви што ми распарува
и здивот напати ми го сопре,
не умеат во себе неа да ја вткаат
та да може мене да ме разберат,
од тагава трошка да ми оздрават,
а и ти прегрната со земјата каллива
и вреливе солзи врз студената плоча
мене душата да ми ја разбереш
и утеха мајчинска, стварна да ми дадеш,
зошто не можам сама да те одболедувам
и на други да те прераскажувам
неизрадувана ти за мене и јас за тебе
по вечното заминување.
Благица Ангеловска