Бидете будни и молете се – СП Апостол

“Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петра: Симоне, спиеш ли? Не можеш ли еден час да бидеш буден? Бидете будни и молете се за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“ (Марко 14, 37-38)

Спиеше ли Петре во тој час? И јас не сум буден, многу часови, многу денови, скоро цело битисување. Ги отворам очите на кратко, но без успех да прогледам дека можам да останам буден. Навидум чекорам како човек со полна свест за реалноста околу себе, но сепак ја преспивам вистината дека сонот е за ниво повисоко од прагот на моето одолевање на искушенијата кои ме обеспокојуваат. Ме кутнува со неговата подмолна цврстина и способност да ги надвладее клепките, ми нуди спокојна вдлабнатина во перницата и место каде трансмисијата на сликата е со розова конотација која е асоцијација на исполнување на сите желби кои се непрактични надвор од креветот. Ми го парализира нервниот систем и ми ја доведува секоја ганглија во неуредна формација за која оддалеку е забележлива нејзината попреченост да остане стабилна и будењето го дочека без мамурлак. Многу трагична состојба на беспомошност пред гревот кој не требаше да се стори.

Па дојде и ме затече да спијам. Како што кажав, не беше прв пат ниту се одвиваше без подолг континуитет. Ако бев буден ќе го забележев животот како поминува покрај моите дремливи очи, не ме поздравува со гест на почит, не ме потсетува дека набрзо ќе се случи свирежот на локомотивата и ќе го пропуштам возот кој сепак има точно зацртана дестинација, или барем правец на патување како една безбедносна компонента во чувството дека имам извесна иднина. Знаев дека ми недостига нешто во состојбата наречена: јаве, нешто што пропуштам додека сонувам и нешто што ќе го маркира мојот пат, по кој движејќи се ќе се чувствувам горд дека е мој избор и мое бреме додека не го изодам. Подоцна сфатив дека тоа отсуство била молитвата.

Не можеш ли еден час да бидеш буден? Прашање кое не е воопшто тешко да се одговори кога рафално се подготвени одговорите од типот дека сум бил уморен, сум издржал половина час и дремнал или само сум ги затворил очите за да се соединам со природата. Но, вистината е дека не можам. Не можам без агонијата во која дише светот, без неговите прегратки кои ме вовлекуваат во секоја пора на привремени задоволства налик на влијанието на сирените кои после милозвучните песни на морнарите им подготвуваат смрт. Не можам без монотонијата во секојдневието во кое на прв поглед уживам во едно утврдено дејствие дефинирано како среќа, но многу далеку од вистинскиот термин кој едвај ја задржува душата да полета. Тоа е сонот препознатлив во бајките создаден од клетва на натприродни битија од кој нема будење без молитва.

Бидете будни и молете се за да не паднете во искушенија. Тие се тука, на дофат од раката и мамат од сите страни, од дошепнувањето на валканата совест до убодот од тризабецот на суштеството со рогови кој турка кон огнениот кратер, немилосрдно, без трунка жал. Многу искушенија и само една молива која треба да се бори против надмоќниот непријател против кој е невозможо и да се соочиш во арената доколку таа не е опремена со вера. Така посилна, со зборовите кои жарко се упатуваат до Спасителот и се враќаат назад во вид на надеж, е вистинското оружје наменето да победува, во сите борби кои започнале и ќе завршат со праведна цел. Не дозволувајте повторно да ве обземе летаргијата на сонот, фатаморганите кои ги гледате се само меур од сапуница со тенки ѕидови кои ќе пукнат при првиот допир на светоста.

Молете се за да не паднете во искушение, духот е бодар, но телото е слабо. Телото е разгалено, сака само да јаде и пие, да блуднее, да се прпелка во богатство, да гази по живи тела за да стигне повисоко од неговите можности. Но, затоа пак духот е бодар, може да го спречи, да го симне од бесполезните височини и да го задоволи само на нему својствен начин. Духот ќе се помоли, ќе се поврзе со оној на Таткото и ќе си го добие својот мир. Тогаш телото ќе биде секогаш најадено, напиено,  наситено, без материјални потреби и лажна слава. Едноставно, но многу тешко да се изведе во небудна состојба. Затоа бидете будни и истрајно молете се.

СП Апостол

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?