Skip to content

Сињор Џордано и рамнодушноста – Ана Каракаш

  • by

16.10.19

Помалку од 10 секунди имав впечаток дека сум излегол надвор од времето. За мене“, вели сињор Џордано, тоа беше како еден електричен шок, вистински струен удар, поминав низ една вистинска мелодрама но, за тоа ќе Ви кажам подоцна, малку подоцна. Срцето живо ми пулсираше, лупаше… воздухот застана, сѐ се смири  Господ е голем. Сѐ беше во ред а всушност ништо не беше во ред.

Моето слепило, мојата заслепеност не можам да ја опишам со никакви зборови од разни причини кои сигурно ќе ги објаснам подоцна, малку подоцна, Ви ветувам, но, навистина малку фалеше да ѝ ставам крај на целата таа работа и конечно да завршам со мојата нерешителност. Нерешителен, ништо не направив и така се препуштив  наивно на брзо тонење во пропсата и токму во тој еден даден миг развив латентна рамнодушност кон својот сопствен живот и напатената ми душа. (А, што мислите, што можев друго да направам со мојата рамнодушна неспособност?)

Воздухот оживеа. Господ е навистина милозлив кон нас наивните и рамнодушни смртници. Всушност, на мене навистина воопшто не ми беше гајле за ништо. Вистината е дека на мене (и мојата намачена душа) ќе ми беше доволно само малку (секогаш е доволно само малку). И, лесно ѝ се препуштив на таа наивна монотонија, во главата ми настана хаос за-тоа што, нели, човек секогаш може да смета на нечие предавство, па дури (и за изненадување ли е?) и на сопственото предавство спрема самиот себе за што можеби ќе Ви раскажам некогаш ако имам време.

Накусо, мислите ми талкаа ваму-таму. Рамнодушен, тонев во пропаста. Имам 46 години, си реков. (Тешко е кога човек има 46 години. Тоа се навистина критични години. Кој сѐ не се самоубил на таа возраст?, се запрашав па дури ѝ се замислив обидувајќи се да се сетам. Не се сетив на никој.) Имам 46 години, си реков. Уште колку години ќе тонам, рамнодушен? До сега одложив сѐ што можев да одложам и не на-правив апсолутно ништо. Одолговлекував. Велев: За сѐ има време, но времето било тогаш, во тоа време. Сега е друго време за други нешта.

За мене“; вели сињор Џордано апсолутна среќа ќе биде да можам да уживам во секоја секунда од среќата но таа е толку недостижна, далечна и невидлива за моето голо око.

(Расказ кој е дел од збирката раскази “Сињор Џордано и… ” која наскоро треба да излезе од печат)

Напишете коментар