„Трагичната повест за животот и смртта на доктор Фаустус“ е пиеса на Кристофер Марлоу. Доктор Фаустус е вистински претставник на ренесансниот човек. Сака да ги достигне ѕвездите. Фаустус е паметен, елковентен човек кој се одликува со многу знаење. Лутајќи со мислите, сфаќа дека знаењето не може да му донесе големи задовоства. Сакајќи да му стане рамен на Бога, се здружува со ѓаволот. Светлината која го заслепува Фаустус воопшто не е рајска, туку пеколна. Пленет е од лажниот сјај на пеколот, во кој на крајот ќе заврши.
Македонскиот Фаустус
Јазот меѓу доктор Фаустус и Фаустус од Македонија е голем. Ако во ликот на доктор Фаустус се крие елоквентен човек, полн со знаење, за македонскиот Фаустус не можеме да го кажеме тоа. Ретко кој Фаустус од Македонија има длабоко знење. Уште поретко Фаустус од Македонија е елоквентен и културен. За македонскиот Фаустус единствено важна е девизата “Целта ги оправдува средствата.“. Доктор Фаустус се откажал од своето знаење мислејќи дека истото нема многу да му помогне. Македонскиот Фаустус нема базични знаења.
Нашиот Фаустус е чуден. Тешко се среќаваат толку нефункционални индивидуи. Но какви можат да бидат индивидуите во едно нефункционално општество, освен нефункционални? Нашиот Фаустус е полн омраза, гнев и бес, но самиот тој ретко знае кому е гневен и бесен. Добро, некогаш можеби знае. Но не знае зошто кон некого е гневен и бесен. Ако сретнете човек кој знае зошто е таков, тогаш тој не е Фаустус.
Ги брани боите на едните или другите. Слепо ги поддржува едните или другите. Заслепен е. Нема свој став. Нема свое мислење. Еднаш дефинираните идоли остануваат засекогаш дефинирани идоли. И само ги следи инструкциите на “лидерот“, бојата или страната која ја избрал да ја идеализира. При правилно развивање на свеста среќаваме менување на ставовите бидејќи свеста се сменува и развива. Тоа не е случај со нашиот Фаустус. Ѕвездите се достигнати кога ќе се добие решение за партиското вработување. И сите дадени жртви се оправдани. Сето слепило, сето незнаење, цела плиткост. Сè е оправдано кога ќе се достигнат ѕвездите. Ама нашиот Фаустус е несвесен за ова, па има его високо до плафон. Или можеби до ѕвездите.
Желбата да се достигне лажно идеализираниот врв е она што го заслепува нашиот Фаустут. И сите ние некогаш сме Фаустус. Гледајќи дека не може да опстоиме во вакво општество, едноставно се претопуваме. Стануваме дел од масата. Битно ни е да си ја завршиме работата за која сме дошле.
Македонските чудаци
За среќа или за жал, во целата наша нефункционалност уште постојат луѓе кои размислуваат со своја глава. И кои ги напаѓаат и едните и другие. И точно знаат да ви наведат што поддржуваат, а што не поддржуваат и кај едните и кај другите. Замислете, знаат и да ви образложат зошто. И ваквите чудаци не личат на македонскиот Фаустус. Жедни се за знаење. Постојано се надоградуваат. Напредуваат. Ама најверојатно се разочаруваат кога сфаќаат дека ретко кој од нив добива шанса да го примени своето знаење и да продолжи да се надоградува.
Овие чудаци не личат на луѓето кои доминираат во општествената маса. Насмеани се. Ведри се. Со нив и на нашиот Фаустус му е некако пријатно, ама од друга страна се нервира. Душата си ја јаде зошто овие чудаци секогаш се полни со толку позитивна енергија. Зрачат! Не може да сфати како човек може да е насмеан. Од малку да е задоволен. Можеби тоа е така затоа што овие чудаци се сакаат себеси. Сакаат ним да им е убаво. Да им е убаво на душата. Не се егоисти. Немаат его до плафон. Подаваат рака, ги креваат луѓето од бездната. Не им е тешко да ви посакаат убав ден. Не им е тешко да покажат дека сакаат некого. Не им е тешко да уживаат кога се сакани. И затоа се чудаци. Чудаци се оти се среќни. Оти уживаат во животот. Оти се надоградуваат. Се себеисполнуваат.
Македонскиот фаустус не знае да ужива во убавите емоции. Кога е убаво, за него е чудно. И не знае ниту да се носи со убавите емоции, ниту да ги покаже. Опколен е од мракот. Од темнината и никако не сака да го види зракот светлина. Колку и да е мал. Колку и да е ситен. Оти не знае како. Не дека не сака. Не знае како. Не е способен да го забележи.
Прочитајте како Хамлет залутал низ времето.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.