Претходните разговори со младата авторка Симона Николова имате можност да ги прочитате на блогот во рубриката „Интервју со“ во Занимливости и информации. Повод за денешниот разговор на иницијатива од Симона, е излегувањето од печат на нејзината четврта книга. „Не влегувај таму“ е името кое го носи ова дело, а за што поразговараме друго, прочитајте во продолжение!
Здраво Симона, претходно неколкупати имавме можност да поразговараме со тебе во рубриката „Интервју со“ и да те запознаеме подобро. Ги продолжуваме серијата разговори, овојпат заинтересирани за новостите кај тебе. За почеток, кои се новостите на полетото на творештвото кај тебе?
– Здраво. Пред сè сакам да ви се заблагодарам што ми ги овозможувате овие писмени интервјуа. Веќе знаете дека боледувам од ретка болест која не ми дозволува јавно да се претставам, ниту да зборувам пред камера бидејќи ми се големи тешкотиите со говорот. Да одговорам на прашањето… секако дека имам новости. Штотуку излезе од печат мојата четврта книга “Не влегувај таму”, одличен еротски/хорор. Во него се мешаат и други жанрови, како и трилер, мистерија и романса.
Исто така имам уште едно мало дело, моја биографија. Ми требаа само 17 дена за да ја напишам таа книга каде на кратко раскажувам за мојот личен живот со цел да ме запознаат како личност. Искрено би било многу подобро во иднина да се креира филм за мојот живот за да се види мојата борба, а не да се прочита.
Што може да очекуваат заинтересираните читатели од трилогијата, какви се впечатоците на оние кои ги прочитаа книгите?
– Триологијата е мое прво дело, односно мои први три дела, мои први книги. Заинтересираните читатели можат да очекуваат мали и убави трилери и романси, приказни каде добрината и љубовта победува, а кармата тивко наплаќа сè во свое време. Впечатоците на оние кои веќе ја прочитаа мојата трологија беа прекрасни, многу позитивни. Многу малку беа негативните мислења, но сепак ми помагаат да се подобрам. Се надевам ќе уживаат во моето дело.
Во првото интервју ни спомна дека сакаш да ги освоиш читателите од целиот свет, многу амбициозно од твоја страна (честитаме на тоа) што не значи и дека не е остварливо ако се има добра стратегија. Како оди остварувањето на таа цел, дали веќе читателите однадвор се запознаваат со твоите дела?
– Да, во тој смисол амбициозна сум. Сакам да стигнам што е можно подалеку, повисоко, да дојдам до врвот. Но за да ја остварам таа цел треба да се чекори полека, без никакво брзање, чекор по чекор. Како викаат… бавно, но сигурно. Не знаете колку им се восхитувам на сите оние кои почнале од 0, од самото дно и денес се на врвот. Знам многу познати кои минале низ лоши здравствени проблеми како јас. Тоа ме мотивира. Сигурна сум дека можам и јас. Верувам во себе и во Господ, Тој е покрај мене.
Велат треба да прочиташ десет книги за да ти се промени животот. Но за да ги најдеш тие десет книги треба да прочиташ илјадници. Кои книги лично ти ги издвојуваш како такви кои можат да променат нечиј живот?
– Илјадници книги немам прочитано… хе хе хе… не, досега. Ретко читам и не баш дека не сакам, туку не можам. Би ги издвоила “Моќта на потсвеста” и “Живот”, поука. Имаше една книга која успеа да ме заљуби, но не се сеќавам на насловот. Се сеќавам дека беше љубовна приказна за девојка од Скопје која се заљуби во еден дечко кога била на одмор на плажите во Грција. Ќе ги разделат, но таа ќе му роди два сина близнаци… не ја памтам добро, многу одамна беше. Би сакала пак да ја прочитам.
Упорноста е една твоја карактерстика која те турка напред, што е она што не ти дозволува никогаш да не се отажеш покрај упорноста и амбициозноста?
– Вербата. Надежта ми е голема и сега лекот е во исчекување е уште поголема. Исто така и гордоста не ми дозволува да се откажам бидејќи сакам да ги покажам и докажам моите способности на оние кои не веруваат во мене.
Кои книги би им ги препорачала на читателите што мора да ги прочитаат барем еднаш во животот?
– Моите! …хе хе хе… се шегувам. Им ги препорачувам сите овие книги за самодоверба. Довербата во себе е многу важна. И љубовта кон себе исто така.
Што би им препорачала на оние кои сакаат да напишат книга, а се колебаат?
– Да не се плашат да го дадат тој чекор кога веќе одлучиле да го направат чекорот. Секогаш да го пишуваат тоа што им лежи на срце. Зборувајте во тишина, исповедајте ѝ се на хартијата.
Според тебе, дали постои рецепт за да се напише добар роман, ако постои, дали би ни го открила?
– Сите работи на свој начин имаат свој рецепт. Во оваа прилика рецептот е едноставен, но од голема вредност: Посветеност, љубов и трпение.
Дали постои автор од кој црпиш инспирација и зошто токму од него/неа?
– Не. Секој автор си има свои идеи. Не копирам никој. Моите се оригинални. Сè е плод на мојата имагинација и фантазија. Можеби ме испирираат филмовите и теленовелите, па си креирам мои приказни.
Која е твојата порака до читателите на Крајбрежје?
– Крајбрежје е прекрасен блог. Често им читам објави. Лично за мене, многу сум им благодарна за можноста да се зближам со моите читатели и следечи на мојата официјална страна Simona Nikolova – Writer & Screenwriter.
На Симона ѝ благодариме за одговорите, од срце ѝ посакуваме остварување на нејзините замисли!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.