Рабиндранат Тагоре (7 мај 1861- 7 август 1941) е бенгалски поет, новелист, музичар, сликар и драмски писател кој имал големо влијание врз бенгалската литература и музика. На блогов покрај неговиот животопис имаме споделувано негови песни и лирска поезија. Денешниот избор е на следнава лирска песна насловена „Светлино, моја светлино“.
Светлино, моја светлино
Светлино, моја светлино, светлино што го исполнуваш светот,
светлино што го бакнуваш окото, светлино што го разнежнуваш срцето.
Ах, милина, светлината игра, во срцето на мојот живот, светлината
ги допира струните на мојата љубов; небото се отвора, јазди дивиот ветер,
смеата се разлева по земјата.
Пеперугите ги шират своите едра на отвореното море на светлината.
Лилијата и јасминот се брануваат на гребен на светлосните бранови.
Врз секој облак се разлеало златото на светлината и своите скапоцени камења
во изобилство ги расфрлала, ах, милино.
Од лист до лист струи разнежнетост и веселст безмерна, ах, милино.
Небесната река со радост ги поплавила бреговите свои.
Пезија (избор) 2013
Превод и препев: Анета Гилевска-Велковска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.