Skip to content

Меша Селимовиќ, југословенски писател најпознат по делото „Дервишот и смртта“ починал на денешен ден

Мехмед Меша Селимовиќ (Тузла, 26 април 1910 – Белград 11 јули 1982) бил југословенски писател. Негово најзначајно дело е романот „Дервишот и смртта“. Дел од неговите останати романи: „Тишина“, „Тврдина“, „Магла и месечина“, „Круг“, како и збирките раскази „Првата чета“ и „Туѓа земја“.

Животопис

Основно училиште и гимназија завршил во родниот град. Во 1930 година се запишал на студиската група српскохрватски јазик и југословенска книжевност Филозофски факултет на Универзитетот во Белград. Дипломирал во 1934 година, а од 1935 до 1941 година работел како професор во Граѓанското училиште. Во 1936 година бил поставен за суплент во Реалната гимназија во Тузла.

Во првите две години од Втората светска војна Селимовиќ живеел во Тузла, каде бил уапсен заради соработка со Народноослободително движење на Југославија. Во текот на 1942-1943 година бил затворен во усташки логор. Во мај 1943 година преминал на ослободена територија. Тогаш, тој станал член на Комунистичка партија на Југославија и член на Агитпроп за Источна Босна. Потоа бил политички комесар во Тузланскиот партизански одред.

Во 1944 година преминал во Белград, каде извршувал значајни политички и културни функции. Од 1947 година, Селимовиќ живеел во Сараево и работел како: професор на Вишо педагошко училиште, доцент на Филозофскиот факултет, уметнички директор на „Босна-филм“, директор на драмата во Народниот театар и главен уредник во ИК „Свјетлост“.

Во 1971 година, Селимовиќ се пензионирал и се преселил во Белград. Тој бил редовен член на Српската академија на науки и уметности.

Творешвото на Селимовиќ

По првата книга, збирката раскази „Првата чета“ (1950), на тема од НОБ, Селимовиќ го објавил романот „Тишина“ (1961), исто така, со тема од НОБ. За овој роман, книжевниот критичар Ристо Трифуновиќ напишал дека е „зачеток на една голема тема“. Следувале збирката раскази „Туѓа земја“ (1962) и краткиот поетски роман „Магла и месечина“ (1965). Романот „Дервишот и смртта“ (1966) критиката веднаш го поздравила како исклучително дело. Овој роман бил напишан како реакција на тогашниот Титов режим, кој многу често се пресметувал со политичките осуденици.

И братот на Меша бил на Голи оток, што на авторот му било додатен мотив. Дејството на романот се случува во 18. век во мало место во Босна. Главниот јунак е Ахмед Нурудин, дервиш на мевлевискиот ред. Тоа е дело на силна мисловна концентрација, напишано во исповеден тон, монолошки, со извонредно уметничко вдахновение, ја поврзува древната мудрост со модерниот мисловен немир. Делото започнува од религиозната вистина како облик на догматското мислење за на крај да дојде до човековата вечна запрашаност пред светот, до спознавање на страдањето и стравот како неизбежен следбеник на човековото живеење. Селимовиќ ѝ ја посветил книгата на сопругата Дарка, која целиот живот му била верен сопатник, пријател и поддршка.

Други поважни дела на Селимовиќ се: „Девојка со црвена коса“ (раскази), „Тврдина“ (роман), „Остров“ (роман), „Сеќавање“ (автобиографска проза) и „За и против Вук“ (студија). Исто така, тој е автор и на филмскиет сценарија „Туѓа земја“, „Ноќи и утра“, итн.

Критика за Селимовиќ

Во есејот „Пред делото на Меша Селимовиќ“, критичарот Ристо Трифуновиќ го оценува Селимовиќ како поклоник на јаснотијата на изразот и на медитеранскиот класичен концепт на книжевност. Неговите дела се ослободени од секаква приземност и баналност. И целите во грч и во спонтаност, ја изразуваат тоталноста и универзалноста на човекот.

Напишете коментар