Сонувам поле полно маргаритки.
Мир и тишина
и шумолење на бели ливчиња.
Некаде далеку, гу – гу – ка гугутка,
некаде блиску, ореви крши верверица.
Сонувам поле со тие цвеќиња,
налик на среќата
што цел живот ми се провива
низ прстите небаре дождовница,
сонувам поле, а од некаде музика
тивко се провејува ко низ соништа,
тивко влегува под кожата и го шепоти
сѐ она за што цел живот копнее душата.
Таму јас некаде на средина застаната,
занемена од таа убавина,
шокирана од нежноста на небесната чистина –
ко рајот, во тој момент да се спуштил на Земја.
Наеднаш ме тап – тап – тапка нешто по ногата,
погледнувам и се смешка една мала Маргаритка,
гордо, скоро паунесто ги шири ливчињата,
се извива,
се врти – ко да танцува,
по некое време ме кани да легнам до неа.
Легнувам на тоа поле полно маргаритки,
образот ливче едно нежно ми го гали,
низ шумолењето песна приспивна се пробива
и глас што вели: Слободно заспиј.
Тонам во полето,
тонам во соништата,
Кај сум? – Не ни прашувам.
Заспивам без грижа
дали повторно ќе се разбудам.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.