Да, кажи ми сè за местата на кои
никогаш нема да одиме заедно.
Оти другото го знам,
оти другото го знам!
И сè за ноќите што никогаш
нема да ги поминеме во ист кревет,
за зорите што никогаш нема
да ги дочекаме пред ист прозорец.
Кажи ми како ќе бидеме облечени,
како ќе се држиме за раце,
каква тераса ќе имаме, каков поглед,
какво небо ќе ни подари денот,
што ќе појадуваме, што ќе вечераме,
како ќе се смееш на моја сметка,
како нема да се налутам што е така,
и потем, како ќе се гледаме еден со друг…
Кажи ми сè за допирот што
ќе го измислат твоите раце
да ме задржат таму,
на местата чии улици не ги знаеме,
на местата каде ќе бидеме странци,
на местата каде никогаш нема
да одиме заедно…
(Оти другото ќе се случи…
Оти другото ќе го знам…)
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.