Ерол Туфан е роден во 1959 г. во Гостивар, Македонија. Во 1992 година се иселил во Турција. Студирал право во Скопје на УКИМ и во Конија на Селчук Универзитетот. Од 1999 наваму е самостоен адвокат во Истанбул. Поет , есеист и преведувач. Пишува и објавува на македонски,турски и српски јазик. Во 2006 година во Скопје ја објавил книгата есеи „Книгољубецот„ којашто доживува второ издание во 2011 година. Истата е објавена под ист наслов и во Белград во 2017 година. Поетските книги „Балкански син“ (2013) и „Камчето од Вардар“ (2016) објавени се во Скопје, додека пак нивната синтеза под наслов „Ерол трагом Ерола“ е објавена во 2016 во Белград. Во 2020 г. две нови книги поезија и една нова книга есеи му конкурираат за издавање. Во 2021 година ги објавил двете дела „Несоници” и „Ликовите во менеќ“. Член е на ДПМ, УКС и ТАЛ.
Миговен и слободен – Ерол Туфан
Зборовите немаат веќе
никакво значење ниту толкување…
Битно е што чувствувам.
Да бидам проточен и прозирен
како водана во рекине планински.
Слободен како сонцето од утро до вечер.
Да шпартам по небото мое,
продорен да бидам како ветрот,
да прострујам низ сите мозоци
и да научам сè и сешто.
Да можам да се отпуштам себе си од себе
и да отидам без куфери и товари
на Тахитите како што некогаш
тоа го стори сликарот Пол Гоген!
Да напуштам
секакви врски и обврски,
статуси и патоси,
канцеларии и навики,
роди и породи,
свои и присвоени,
накалемени или пак сосила вметнати
стеги и претеги,
леви и десни сметала,
долни или нагорни потпирачи.
Да се ослободам од сите
доброутра, добри денови и добравечери,
поздрави и отпоздравувања дадени со пола уста.
Да изгасам радио, Тв или пак касетофон.
Да фрлам компјутер, лаптоп и мобилен в море.
Да избришам тефтери за земања или пак долгови,
да запалам планови за подобро утро
и напишани стратегии за освојување
на статуси и фотелји.
Да подарам на други на кои им требаат
крепости, зимници и туршии,
капути, одори, обувки
со високи и ниски потпетици,
лакирани мокасини и кравати,
со испакнати топузи или
златни токи на ревери,
чворови од свилени материјали
што појќе стегаат душа отколку отпојќе кила
и да отпловам негде уџум
кајшто никој нема да ме бара,
ниту пак јас ќе имам потреба од лага.
Само жолто сонце.
Синозелена вода.
Сино и модро небо.
Кафена земја и многу зеленило да има,
да шиба ветар студен, безбоен…
И бескрајно бела СЛОБОДА ко
допирлив идеал или самовила да мами…
Песната „Миговен и слободен“ е дел од поетската збирка „Куфер“ којашто е во подготовка.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.