Александар Стојчески има 13 години и е од Скопје. Ана Дедова ни ја испрати веста за неговиот успех заедно со текстот кој го подготвила. Како што ќе напише таа: „Младо момче кое има цеберална парализа. Но, неговите амбиции, способности и квалитети, избиле на површината со неговиот труд и љубов во она што го исполнува. Македонија, па и пошироко во светот, треба да се гордее со ваквите талентирани и способни деца.“
Случајно се погоди објавувањето на текстот да се совпадне со меѓународниот ден на лицата со попреченост. Ова момче-борец е само еден доказ дека попреченоста не е пречка за успеси. На крајот сите сме еднакви и треба да имаме еднакви шанси за живот и успеси. Луѓето се разликуваат најмногу по упорноста и борбата што ја вложуваат при остварување на нивните цели. Александар е доказ дека борбата носи посакувани резултати, а ние можеме многу да научиме од него. Прочитајте го текстот од Ана Дедова во продолжение.
Со упорност и љубов во она што те исполнува кон целта – Ана Дедова
Честопати знам да го истакнам јавно моето реално видување за лицата со попреченост и нивните таленти, способности и квалитети, кои ги има во тоа лице што вие го гледате како “поинакво“ од вас “нормалните“. Зошто постои страв во јавноста од приближување кон тие луѓе, од тоа да им се пружи рака? Не за друго, барем да им честитате на успехот кој го постигнале со својот труд. Зошто постои во светот поделба? Зар не заслужил секој човек внимание од јавноста, за да го истакне својот талент кој го поседува во себе? Многупати јавно истакнувам и потенцирам, почнувајки од мене, дека во тие луѓе има многу квалитети, повеќе од што може некој тоа да го замисли. На мое задоволство, еве сакам да истакнам едно дете… не, нема да го наречам со посебни потреби, туку ќе го наречам дете со посебни квалитети. Да се добие злато, или пахар на шаховски турнир, е навистина голем предизвик во животот на еден возрасен човек, не пак за дете.
АЛЕКСАНДАР Е УШТЕ ЕДЕН ДОКАЗ ДЕКА И ВО НИВ “ПОСЕБНИТЕ“ ИМА НЕШТО НАЈПОСЕБНО! Дете мило, ти ја посакувам целата среќа на овој свет и уште поголеми успеси во иднина. ЗОШТО ЗНАМ ДЕКА МОЖЕШ! А вам драга јавност, отворете ги ширум очите! Научете да го забележувате она што го нарекувате “посебно”, а навистина е такво, во најпозитивната смисла на зборот.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.