Најлесно е да се откажеш од сè што ќе започнеш. Сите со себе носиме рани. Најмногу “багаж“ имаат луѓето што живееле подолго. Си носиме лузни што животот ни ги задавал на најразлични начини. Поголем багаж значи и поголемо животно исксутво. Поголемото животно искуство значи повеќе болка, страдање и борба. Сечија животна борба е различна. Во многу наврати се наоѓаме во иста борба како милиони луѓе во цел свет. Начинот на страдање и радување ни се заеднички со сите останати човечки суштсетва ширум светот. Во текот на живеењето се соочуваме со предизвици. Некои се поголеми, некои помали. Дел од нив лесно ги совладуваме, во дел од нив “заглавуваме“. Предизвиците се дел од патот што секој од нас треба да го изоди. Не постои човек кој не бил исправен пред некој предизвик. Звучи охрабрувачки нели?
Предизвиците значат дека некогаш ќе паднете, нема да успеете. Тие значат дека многупати ќе биде тешко, напорно, речиси неиздржливо. Но нè учат на нешто многу важно – истрајноста. Само истрајноста што води до дисциплина доведува до подобрување. Дисциплината не нè доведува до совршенство бидејќи тоа не постои. Самодисциплината нè учи дека кога нема откажување – ќе има резултат. Сè друго би било залажување. Успехот не оди под рака со “кревање раце“ и велење “не можам“. Успехот вели: „Јас можам, иако не успеав првиот пат, ќе се обидувам сè додека не успеам“. Не бидете човек кој прелесно се откажува од нештата. Да се следи својот сон не е најлесна опција. Но дали ќе вреди? Одговорот лежи во таткото на трпението, а тоа е времето. Не бидете некој што после три паѓања останува на подот и не сака да продолжи понатаму.
Бидете оној што после секое паѓање станува и вели: „Ќе продолжам бидејќи не се откажувам“. Не се откажувајте од потрага по вашата работа од соништата само бидејќи сте имале три неуспешни интервјуа. Не престанувајте да верувате во љубов само ако поранешната врска не ви успеала. Не ја губете надежта ако ви се случиле непосакувани настани. Не ја потиснувајте желбата само бидејќи не ви се исполнила при првиот обид. Не се откажувајте од потрагата по љубов бидејќи постои некој сличен на вас кој исто не се откажал. Не го заспивајте истражувачкиот дух во вас дури ни после педесеттата година. Не ја губете смислата во живеењето која е само ваша.
Не се откажувајте прелесно од човекот што го сакате, подоцна ќе треба да се соочите со болка што поминува бавно. Не се откажувајте прелесно од ништо за коешто мислите дека вреди. Штом мислите дека вреди – не се откажувајте бидејќи најлесно е да се откажеш од некого или нешто. Во неоткажувањето лежи целата смисла на неуспешни и успешни обиди. Нека откажувањето никогаш не биде опција. Одморете, но потоа продолжете од каде што сте застанале.
Н.Н
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.