Skip to content

Бродолом – Лилјана Дирјан

Се насукувам на твојот ‘рт на добрата надеж
прска бродскиот клун, вреска кормилото
откажуваат мерните инструменти, барометарот
полудува, илјада атмосфери
вода во часовниците, компасите се лепат
за твојот магнет север па север
СОС емитирам СОС безуспешно
илјадити дел од секундата
продира
вода-вода-вода
ранети места
бродски тајни, исцртани графикони на патувањето
поплава-пооплава
земјата од настанот се тресе
релјефот на морето се преобразува
и котвата, ах котвата
имам време да погледнам небо само
да потурам запалив озон
да го подметнам љубовното месо
да се свртам кон пејзажот
да ослепам од прекрасната експлозија
пред да потонам.

Напишете коментар