Петиот ден, повторно благодарение на овцата, ја открив оваа тајна од животот на малиот принц. Одеднаш, без размислување, ме праша, како да ми поставува проблем за кој долго време размислувал во тишината:
– Ако овцата јаде гранки, таа исто така јаде и цвеќиња?
– Овцата јаде сѐ што ќе сретне.
– Дури и цвеќињата што имаат трнчиња?
– Да, дури и цвеќињата што имаат трнчиња.
– Добро, а за што им служат трнчињата?
Јас тогаш не го слушав. Бев многу зафатен околу одвртувањето на еден престегнат шраф од мојот мотор. Бев многу загрижен, оти дефектот почнуваше да ми се чини многу сериозен, а водата за пиење, што се докрајчуваше, ме тераше да се плашам од најлошото.
– Трнчињата, за што им служат тие ним?
Малиот принц не се откажуваше од прашањето кога веќе еднаш ќе го поставеше. Бев налутен поради мојата работа и му одговорив било што.
-Трнчињата не им служат за ништо, тие се таму само од лошотијата на цвеќињата!
– Оф!
И по мала пауза, тој ми дофрли малку пакосно:
– Јас не ти верувам! Цвеќињата се слаби. Тие се наивни и се осигуруваат како што можат. Тие мислат дека се страшни со своите трнчиња…
Јас не му одговорив ништо. Во тој момент си велев: „Ако овој шраф се протиставува, ќе го истерам со чекан”. Малиот принц пак ги вознемири моите размислувања.
– И ти мислиш дека цвеќињата…
– Ама не, јас не мислам ништо!
Му одговорив што било:
– Јас сум зафатен со сериозни работи.
Тој ме гледаше вчудоневидено.
– Со сериозни работи!
Тој ме гледаше, бев со чекан во рака, со прсти црни од маслото, наведнат над предметот што нему му изгледаше толку грозен.
– Ти зборуваш како возрасен.
Се засрамив малку од таа забелешка. Но, немилосрден, тој додаде:
– Ти побркуваш сѐ…Измешуваш сѐ!
Тој навистина беше многу лут. И неговата златеста коса потреперуваше од ветрот.
– Јас знам една планета на која живее еден господин, целиот црвен. Тој никогаш не помиирисал убав цвет. Никогаш не погледнал во некоја ѕвезда. Никогаш не правел ништо друго освен што сметал. И цел ден повторувал како ти: „Јас сум сериозен човек!”. Но, тој не беше човек. Беше една печурка.
-Едно што?
Малиот принц беше сега сосема блед од лутина.
– Со милиони години цвеќињата произведуваат трнчиња. Со милиони години, покрај сето тоа, овците ги јадат цвеќињата. И не било сериозно да се бара причина зошто тие толку се мачат да ги прават своите трнчиња што не им служат за ништо? И не била важна војната помеѓу овците и цвеќињата? И сето тоа не било посериозно и поважно од сметањето на црвениот господин? Ако јас познавам еден единствен цвет во светот што не постои никаде освен на мојата планета и ако една овчичка го уништи одеднаш, едно утро, без да знае што прави, сето тоа за тебе не е важно!
Тој поцрвени, потем продолжи:
– Ако некој сака цвеќе што постои само во еден примерок помеѓу милиони и милиони ѕвезди, за него е доволно само да ги гледа ѕвездите па да биде среќен. Тој ќе си рече: „Моето цвеќе е таму некаде…” Но, ако овцата го изеде цветот, тогаш одеднаш за него сите ѕвезди ќе бидат угаснати! И сето тоа не било важно!
Тој ништо веќе не можеше да проговори. Почна несопирливо да липа. Ноќта веќе беше паднала. Јас ги оставив моите алати. По ѓаволите чеканот, работата, жедта и смртта. Имаше на една ѕвезда, на една планета, на мојата, на Земјата, еден мал принц што требаше да се утеши! Го зедов в раце. Го лулав. Му велев:
„Цвеќето што го сакаш не е во опасност…Јас ќе ѝ нацртам на овцата мрежа на муцката, и ќе ти нацртам еден заштитен покрив за твоето цвеќе…И јас…Јас не знаев веќе што да му речам. Се чувствував многу несмасен. Не знаев како да го достигнам, од, каде да му се приближам. Толку се чудни и таинствени солзите.
Прочитајте и „Малиот принц – Антоан де Сент-Егзипери“.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.