Од душа за душата на тие што не се помеѓу нас. Се сеќавам како помала кога заедно со постарите одев на гробовите на ваквите денови. Им палевме свеќа на покојните, а на гробот се поставуваше храна и луѓето си ја разделуваа од еден гроб до друг. Претходно гробот се чистеше и му се поставуваше и цвеќе. „Задушница“ е, велеа постарите, така треба, за душите на покојниците. Ги гледав сликичките од гробовите како што се движевме меѓу нив. Здогледував и слики на многу млади меѓу починатите.
Иако бев прилично мала сепак ги забележував годините што беа таму изгравирани. Додека разменуваа храна над гробовите јас пресметував во глава колку години имале кога се одвивало сместувањето во нивното вечно почивалиште. Истата постапка кога некаде на најзадната страница на весниците ги читав некролозите и последните поздрави со порака од фамилијата на покојните. Тие две-три страници во весникот секогаш ми биле језиви и тажни за гледање и читање. Истото беше и со прикачување на лицата и годините на раѓање и умирање на градските и селските бандери.
Причината била за да разбереле луѓето во случај ако сакаат да му укажат последна почит на покојникот со палење свеќа или одење на погребот. Малку јазиво, но ете останала некоја традиција која не ни знам кој ја има започнато одамна. Денеска е таков ден кога се сеќаваме на тие што не се меѓу нас повеќе. Спомнувајќи ги во мислите ако не гласно, потајно посакувајќи никогаш да не заминеле таму. Таков е животот, едни си доаѓаат други си одат, како една станица каде се разминуваат новите и завршените животи. Циклус кој постојано се повторува. Едно циклично вртење меѓу првиот ден и последниот здив, со борба за опстанок секој ден.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.