Skip to content

Од записите на Марко Цепенков: Навите и леунките

По повод раѓањето на најголемиот собирач на народни умотворби, Марко Цепенков, тимот на Крајбрежје ви пренесува еден негов запис за Навите и леунките.

Еве што му кажале и што запишал Цепенков за нив:

За навите по леунките не бев се сетил да ѝ пишам, при сѐ што беа во мојата куќа, у мојата жена и снаа.

Од една книга што ми ја подари  Д. Матов се сетив да ѝ пишам и нив: книгата е натпишана со овие зборои „Верзиуловото Коло и навите, од Д. Матов“ итн. На 17 септемврија 1895 година ја примив книгата и вечерта ја пеав пред жената ми, снаа ми и синој ми. И сето му го распраив како веруваат жените за Навите кога ќе родат: во градо Велес, во Рудник, во Леринцко, во Ресен, во Битола, во Тетоо, во Ќустендил, во Ломско и во друзи градои. Од тоа раскажуање што му раскажуав јас на жените, се сетија и тие и почнаа да ми кажуаат како веруаат во Прилеп и во Битола.

Многу приказни и друзи работи сум и збирал од помеѓу народо така: сопрво јас ќе му прикажев нешто од тоа што ми требаше, и така ќе и потсетев, та ќе почнеа да кажуаат секој кој што знаи; и јас готов да го ислушам со четири уши и да го запечатам во умо како со инка турено. Од радос што ми идеше ќе го честев и со раќија, ја со вино, ја со друго нешто тој што ќе ми прикажеше нешто. И исто така, и запишав бабинцките работи што ѝ праат за Навите у нас, од жена ми и од друзи.

Откоа пишав од жената ми и од снаа ми, тргнав по друзи баби и стари жени да прашам за Навите како веруаат: не само жени прашав, ами и мнозина мажи мој познати и некој непознати; од толку многу мажи и жени што прашав, како што пита питачот од куќа в куќа, така и јас му одев по пријателите кому дома, кому на дуќан, арно туку од малце жени и мажи се научив за Навите, чунки некој жени се страмеа кога ѝ прашав и ќе ми се изнасмееја.

– Ха, ха, ха! Еда таа работа, дедо Марко, јет од бабите; тие знаат прашај ѝ нив – вака ми се велеше.

А пак некој од мажите ќе ми речеа да одам кај жените да ѝ прашам, тие знаеле тие работи. Е, прао што е прао, баеги страм ми идеше и од мажите, ама пак од жените лицето ми капеше од страм, чунки некој од жените го земаа како накриво моето прашање.

Една само жена ми кажа со благодарение тоа што знаеше. Таа беше г-жа Марија Костенцева. При друзите зборои што ми и рече, ми рече уште и вака:

– Ти чичо Марко, ојш од чоек на чоек да прашаш за народните приказни и други работи да и збираш, како што оди пчелата од цвеќе на цвеќе да збират мед.

Да живеат ваквие сетени жени што познаваат нашио многугодишен труд и го повалуаат!

По многу баби сум испрашуал за како ѝ веруаат Навите што ѝ ваќаат леунките. И многу жени сум ѝ прашал, до кај што ми било возможно по некој мои роднини и ближни мој познати. Секоја ми кажа како што знаела и чула од постари баби и жени.

1. Баба Рибарица еве како веруаше и је кажуаше на жената ми Цона, кога беше леунка, за Навите и еве како ја претпазуаше од Навите за да не ја ватат. Откоа ќе родеше жената ми, веднаш сакаше да си легне в постела, арно ама баба Рибарица, Бог да ја прости, кај што починала, не ја остааше да легни на часот, дури не му стореше адетот што си го знаеше за Навите.

– Потрај, ќерко, потрај – је велеше – не легнуј му на трите мој сестрички и твој душманки, дури не те отмам од нив.

На тие зборои сирота Цона ќе ја чекаше баба Рибарица за да је бара чарето од Навите. Сопрво бабата ќе го измиеше детето в корито и ќе го насолеше, та ќе го повиеше и ќе го остаеше на една страна. После ќе земеше една кација огон и ќе го клаеше до коритото и, трето, ќе ја клаеше секирата до огнот.

– Стани, сега, ќерко – ќе и речеше на Цона – ајде да го прескочиш морето, огнот и секирата, Цоно, за да не можат да те втасаат Навите, мојте сестрички, и твојте душманки. Речи сеа, ќерко:

Поминав вода не се удаив,

поминав огон не се изгорев,

поминав секира, не се пресеков.

Сакаше неќеше Цона, ќе се поклони на заповеста од баба Рибарица и ќе почнеше да и пречекоруа водата, огно и секирата и да вели вака:

Поминав вода не се удаив,

поминав оган не се изгорев,

поминав секира, не се пресеков.

Така ќе речеше до три пати и ќе си легнеше в постела, арно ама пак не ја остааше баба Рибарица да си легни Цона дури не му напраи уште нешто за да му пресечи пато на Навите со секирата.

Зела секирата в раце и почнала да му сечи пато на Навите, велејќи и вака на Цона:

– Нави да сечам, али тебе да сечам, чедо?

– Нави сечи, бабо Тасо, мене не сечи – му одрекла Цона.

Повторо ја прашала баба Цона и трети пат ја прашала:

– Али тебе да сечам, али Нави?

И пак Цона му од одгоарала:

– Нави сечи, мене не сечи.

Откоа се сторил и тој адет, веќе си легнала Цона и ѝ се клало детето од десната страна до неа.

На сите деца што ни даде Госпо, се така је праеше баба Таса на Цона. И шуќур, ништо не се стори од страна на Нави. Ја чуал Госпо од таа страна по толку деца што роди.

Спроти баба Т. Рибарица што кажуаше, Навите биле три жени. Баба Рибарица знаеше да праи на леунката за да ја претпази од Навите, а за да ја оздрави некоја леунка што ја ватиле Навите, не знаеше. А пак друзи баби има у нас што знаат да му праат некој работи, да ѝ оздравуат леунките.

При друзите масали што му праат на леунките, и провираат низ еден венец од секакви тревје, билки, чемерики, собрани на ден Иванден, пред сонце и напраен од тој венец, од тие баби што му делил Госпо, да знаат за Навите. Штом ќе се поболи некоа леунка и откоа ќе ја обидат со многу работи, и пак да не се освестит, брго-брго ќе пратат по венецо и ќе ја проврат до три пати низ венецо.

Ете тоа му праат нашите баби на леунките, арно ама ете на многу леунки му се чинело себап и оздравуаат.

2. Во градо Битола сите баби му врзуваат на леунките по еден прстен на гуша со алоо предено за да ја чуа од Навите и да не се урочуа, и млекото да му се чуа, да не му побегнит. У баба Маријка во Битола имало венец да и провира леунките што биле ватени од Нави, Госпо да чуа. За баба Маријка оти имала венец снаа ми Марија ми  кажуаше, и тој венец бил праен од секакви тревје, собрани пред Иванден и носени на ден Иванден од девојчињата по чешмите, кај што пеат и вода леат.

А пак домаќинка му на Ф. Г. Јанев еве како ми кажуаше за Навите. Таа Нави не веруала, дури раѓала деца, никакви бабински работи не праела. Само на Бога се надеала. Таа ми кажа за друзи жени како праеле: некоја жена била ватена од Нави, треба да била некаде: ја под стреа ја под некое дрво, ја на некое лошо место, кај што се збирале Навите (и друзи ветроштиње имало по таквие места). И тамо му нагазила, та од тоа ја ватиле и се поболила леунката. Такваа леунка од таквие Нави што е ватена, требало да се оди на тоа место кај што нагазила и да се попрска местото со една киска босиљок намакана во мед натопен. Сопрво ќе се попрскало местото и ќе се враќала назадгазум, прскајќи и велејќи вака:

Сестрички милички,

што ни зедовте дајте ни,

што си остаивте, земете си.

Повторно:

Сестрички, милички,

што ви зедовме, на ви го,

што ни дадовте, земете си го.

Вака се велело до три пати и ѓоа оздравуале Навите што и имала леунката добиени од нагазиште понадвор.

Вака, велејќи жената коа била тешка, ќе си дојди до врата од леунката и ќе попрска пред врата, околу куќа, и ќе си влези веќе дома.

Откако ќе си влези дома жената (или бабата, кој да биди), нема никој да излези од куќа надвор, од страо на попрсканио мед, чунки ако згази некој, го ваќала некоја болес од надворштињето. Ете зошто не било на арно да се излегуа понадвор.

Заб. Со мед натопен прскаат жените, како што кажав погоре, и за друзи надворштиње што налепиле од нагазуање под стреа ноќе, во глуа доба, и во друзи места, како под дрвја и шипје.

Медот бил од секакви цвеќиња собрани од пчелите од ормањето и од полињата. Од тие цвеќиња мирисале и јале надворштињето, та коа ќе му се попрскало мед потопен, ќе му се сторел ќео и ќе и отпуштеле болните.

– Ете ова сум слушала, чичо Марко – ми рече Ф. – од стари жени. Шуќур, досега ме чуал Господ од ваквие работи, ни сум напраила, ни пак ќе напраам.

А пак баба Мита од Прилеп (живеит сега во градо Софија) му бабуаше пред неколку месеци на домаќинката му од Р. Казанџиев и му кажала на Ристета за Навите, ѓоа биле некакви пилци што летале многу нависоко по лошите ветрои и си пееле некако песни латински. Арно ама никој не можи да и чуе нивните песни, отколку тешките жени и слушале, ем коа-годе не и слушале, само на полноќ, во глуа доба кога било, ако се погоди некоја невеста трудна да биди надвор и да чуе пеење од пилците што биле Нави, таа веќе била забележана од Навите. Госпо да чуа, при сѐ што таа светрум го чула гласо од пилците (од Навите), арно ама Навите ќе си ја знаат и ќе и дојдат коа ќе стигни, за да си ја ватат и да си ја земат, за да си `а носат кај сакат тие по пусти пустелии.

3. Баба Доста родена во с. Мартолци (Велешко) сега живеит во градо Софија) – таа пак слушала од стари оти Навите биле ветроштиње, арно ама таа непара веруала Нави и друзи ѓаолски работи, чунки си била со крсто на чело. До колку деца што родила баба Доста неќела да и бабуат бабата што ја бабуала, само едно нешто праела: Три дни седела леунка со врзани нозе в постела, и тоа веќе од немајкаде, да не ја го скрши атерот на бабата оту и тоа не ќе го праела.

Врзуањето на нозете било непендек, за ако дојдат Навите да ја ваќаат, али да ја земаат со себе, Господ да чуа, да ја најделе со врзани нозе.

– Ех, како ќе ја носиме сега – ќе речеле Навите – кога и се врзани нозете?

Така велејќи ќе ја остаеле. Навите кога ја ваќаат некоја леунка, имало сељамет, а кога ја земаат да ја носат некаде, тогај било многу лошо, чунки мачно ја враќале назад, да од тоа било непендек да се врзуаат нозете на леунката до треќата вечер.

4. Марија Костенцева ми прикажуаше за како веруаат во градо Самоков за Навите. Во Самоков не веруат за Навите да се три жени, али сали пилци, ами Навите биле деца што умреле некрстени. Секое дете што умирало некрстено се праело Нави. Тие деца се праеле со крилја и си летале преку села и градои, за да бараат и да надушат некоја трудна жена кај што ќе роди, та да ја ватат да ја мачат и, ако е кабил, да ја умрат. (Зер дека не и крстиле, се налутени децата.)

Најмногу оделе Навите по оџаците за да наслушуаат кај што има тешка жена за раѓање. Штом да чујат оти роди дете некоја жена, и ќе му влезеле низ оџакот за да ја ватат. Арно ама, штом ја видат леунката да ја ватат Навите, бабата на часот ќе побарат пушка да врлит во оџакот за да и` отепаат Навите или да и разбркаат. Едно пукнуање пушката, и веднаш ќе се освестела леунката.

Откоа ќе дојделе Навите на оџако од некоја леунка, да дури да си одат, се ќе плачеле како мали деца: вау, вау, вау. Веќе аслим како деца, ни земи, ни дај, тики се малите деца како што плачат, така плачеле на оџаците и околу оџаците.

5. Пред двајсе и печес години, Костенцева, коа била девојче, чула Навите коа плачеле на еден оџак од комшијата, кога раѓала некоја жена. Сопрво чула мајка е на Марија, Суса и ја викнала за и таа да чуе.

– Ќерко, ќерко – е рекла – ела да чуеш кај комшијата кај плачат Навите на оџако, зер раѓа жената му. Затоа дошле Навите! Да чуеш, ќерко, и да приказуаш.

Едно и рекла мајка е Суса така на Марија, отрчала тамо да чуе како плачат Навите. И за вистина чула кај што плачеле Навите како мали деца.

– Сакаш веруј, чичо Марко – ми рече Марија – сакаш не веруј, ја сум чула со мојве уши у комшијата на оџако кога плачеа Навите: вау, вау, вау. Не само јас го знам и го веруам, чичо Марко, ова, ами секоја жена и маж од град Самоков ова нешто го веруа.

Со овие и друзи зборои ми потврдуаше Марија Костенцева кога ми прикажуаше ова нешто за Навите.

6. Спроти прикажуањето на жената му од Ѓорчета бакалот, како што тргала од Нави кога стигнала дете и ја ватиле Навите, две-три баби што е кушале, та одвај ја престреле и ја куртулисале од Навите да не умрит.

Една жена е кушала со изгорена кација на глаата три пати на ред, и на треќио ден и дошло малце поарно. Друга жена после викнале, пак таа со бубаќерен конец е кушала. Како што лежала леунката спружена в постела, зема жената еден конец бубаќерен, та ја мерила леунката од врв глаа до прсти и застанала над леунката, та почнала да е куша, зборуајќи нешто со уста, ама не се слушало што зборуала, чунки само мемолела со рилките, и врзуала бубаќернио конец. Врзуала, врзуала конецо и го доврзала, та го однесла во незнаен гроб и го врлила, велејќи си некои зборои таа што си и знаела. Ете од тие две жени што и закушале сељамет видела и си станала од Навите како кукурек.

7. Во село Ореоец, два саата од Прилеп скраја, помеѓу северо од кај што дуа и помеѓу сонцето од кај што огрева, во лето, имаше (во селото) една баба на име Елена. Баба Елена кушаше од Нави и кај што ќе клаеше рака на некоја леунка, бездруго ќе ја оздравеше. Веќе, нечкај, мошне е било по рака, како со рака да е го земаше на леунката. Елена, коа ќе ја викнеа кај некоја леунка, сопрво ќе и пресечеше од косата малце, од клепките, од веѓите и ќе му закушаше, та ќе му наврзеше и кушаната врзалка ќе ја однесеше на туѓ синор, ноќе на права полноќ, и тамо што праеше со наврзуачката, еден Госпо знаеше и таа, арно ама, лели е било по рака, ако никој не ја слушаше тамо што велела. Дури да се врати баба Елена кај леунката, ќе си станеше како да не била болна и ќе си оздравеше. По сите села што биле ближни до Ореоец ја викале за Нави и други ѓаолцки преварје што имало по жените.

Напишете коментар