Skip to content

Окото на темниот и љубовниците (триптихон) – Ефтим Клетников

  • by

Ефтим Клетников (роден во с. Негрево, 1946 год.) — македонски поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Имал студиски престој во Париз (1979/80) како стипендист на француската влада.

Во својата трета збирка песни „Окото на темниот“ Ефтим Клетников го продолжува своето пеење полно со пантеистички восхит пред тајните сродности и врски што владеат помеѓу човекот и природата, помеѓу подземните и надземните нешта, помеѓу бесконечно ситните појави и сеопфатниот пулс на Космосот.

ОКОТО НА ТЕМНИОТ И ЉУБОВНИЦИТЕ (триптихон)

1
Слика во пролетната слика
На небото некој пали оган:
над шумите престанува да вее.
Лилјан ги допирнува снеговите:
бликнуваат низ зеленилото потоците.
Од сјај и пена сè е.
Се љубиме. Бакнежот ни е полн со вода.
По везден креваме воденици
за житото од нашиот непостојан Восхит;
чудесно лесен ни се чини каменот,
и не чувствуваме како ни ја притиска
Сенката што си ја заѕидуваме во темелот.
Грми над нас здравицата на Боговите;
Ведрината спуштила ѕвоно и во семето
еднаш што го однело невремето;
ластарот избива посреде гробовите.
(И светците на ѕидот, збиени во олтарот,
не издржаа пред Чудото на Вознесот.
Го отвориле гласот како презреан плод и пеат,
Големо Дрво им расне во молитвата;
Темните вокали се двојат, паѓаат во темелите
и секаат, заискруваат во каменот што трае,
а светлиот дел на песната, расшумен,
го крева покривот, и кубето во небото се сјае.)

2
Меѓуслика
Секое цветче пламна, засветка како жарче.
Ружата ни се наполни со озон и со молњи.
Но прегрме Пролетта над доловите,
и дрвјата, откако му дадоа тек на занесот,
ги згуснаа сенките во вировите.
И Летото и Есента, потоа,
целосно ги опфати единствено
беспрекорното око на Градинарот,
кој ги заклучи во амбарот плодовите
и легна да самува во Присојот
од Сјајот што го собрал.
(Но остана во срцето претежнато,
од поток-лед и лад што дува
да му листа, зелен, скришно Осојот.)

3
Отсутна слика
После столетија пак вее.
Зад нашата свест зинале просторите
и снег ги трупа, напластува горите.
Она лице што беше наше, сега не е.
Трепнуваме. Каков страшен Бог не сони?
Сјајната линија на Восхитот напукнала,
и нам стапката повторно ни се рони
во сеприсутното средиште на Зимата.

Ледена санта ни го приковала челото.
Сега сме сами; сосема спокојно
ќе ги сочека водите телото,
и сè што ќе се препознае во него;
Сосема спокојно ќе се нахраниме
со студ и смрзнат мрак,
за да може да ја издржи Светлината
модрото стебло на нашата воздишка
Идната Пролет, кога ќе избие
посреде Окото на Темниот,
на усните од Обновените Љубовници.

Напишете коментар