Малку поспа. Оној сосема опуштен сон кој трае петнаесеттина, дваесеттина минути. Навистина мораше некаде да стигне, но тоа морање сепак не беше сосема задолжително; можеше и да не стигне. И Рајна малку се размрда и рече: „Ние, изгледа, малку поспавме“.
Веќе познатото чувство на празнина, некоја поинаква празнина, го обзеде Игор и тоа повеќе во ушите и слепоочниците, отколку во било кој друг дел од телото. Ниту краткиот сон, ниту тоа будење не беа непријатни, но го тиштеше неодредена потреба, не што порано да стигне таму каде што мораше а и не мораше, туку што порано да се раздели од неа.
Во главата почна да црта што пократок пат по кој ќе ја испрати до автобус и притоа ги смислуваше речениците кои попатно ќе ги изговори, за да не изгледа дека сето тоа го забрзува (иако однапред споменатото брзање беше само по себе добро алиби).
Првата средба беше, што би се рекло, добра, успешна. Меѓутоа, веќе тогаш почувствува дека трае повеќе отколку што му годи. Веќе се имаше формирано таа оска-облак празнина, главно околу очите, како ниско натакнат качкет. После средбата во него остана тапост, не непријатна, повеќе лесна тапост каква што може да почувствува глумец кога игра во безвезен филм, за слаб хонорар, но затоа што на другар му режисер му вети дека ќе игра.
На нејзината питома, добродушна природа некако не ѝ прилегаше што го побрзуваше за во кревет. Навистина го побрзуваше, и тој се прилагоди на текот во чие создавање и самиот учествуваше. И, за чудо, беше добро, прилично добро за првпат. И тогаш, уште пред средбата, таа оска-облак му трепереше околу главата, а нешто помалку после, кога имаше впечаток дека колку-толку успешно ја изврши задачата.
Потоа повторно една или две средби на кои не можеше да им го догледа крајот, и повторно сега тоа, кога малку и отспаа еден покрај друг.
Кога ја испрати, се почувствува до некаде добро: празно, како зашеметено, помалку зашеметено, повеќе празно. Но и мирно.
Седна на некоја бетонска скала, имаше време да стигне да го заврши тоа што мораше а и не мораше, и на памет му падна прашањето на кое немаше одговор, но кое веднаш стана одговор само по себе: што ли ќе се случи сега набргу, а поради кое оваа средба ќе биде последна?
Превод: Татјана Маженковска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.