Георги Господинов (роден на 7 јануари 1968 во Јамбол, Бугарија) е бугарски писател.
Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени книгите „Природен роман“, „И други приказни“ (и обете на Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), сите во превод на Никола Маџиров. Во последниве години авторот постигна успех и во САД, а позитивни рецензии за неговите дела излегоа во New Yorker, NY Times, Village Voice…
Неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (ИЛИ-ИЛИ, 2015) беше финалист на неколку европски и светски награди, меѓу кои: Premio Strega Europeo, Haus der Kulturen der Welt, Brücke Berlin Preis…
Во продолжение 3 микрораскази од збирката раскази „Сите наши тела“ во издание на ИЛИ-ИЛИ и превод од Душко Крстевски.
Паскал
Верувам дека, кога сите луѓе би знаеле што зборуваат едни со други, не би имало четворица пријатели на светов, пишува Паскал неколку векови пред интернетот и Фејсбукот. Само што бројката 4 денес ми изгледа преголема.
Суета и заборав
Седи во кафулето на заборавот, се зачитал, ја поткрева главата и гледа една жена, како стои до масата и му се насмевнува. Позната му е од некаде, но не може да се сети ниту на името, ниту ништо. Можеби го има читано и сака автограм.Тој е ужасно расеан и суетен. Решава овој пат да не дрдори со човек што не го помни и веднаш признава:
-Извинете, се познаваме од некаде, но не можам да се сетам на името…
-А, нема проблем- се смее таа- јас сум келнерката.
Весник
Едно попладне, додека се обидував да заспијам, ќерка ми (на пет години) бавно ја прочита, на слогови, нејзината прва поврзана реченица. Беше тоа главниот наслов во еден весник пред да успеам да ѝго земам од рацете.
Пра-те=ник на-ре-че ди-пло-мат кре-тен
-Тато, што е тоа дипломат? – праша таа.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.