Избор позија од современата српска поетеса Гордана Милојевиќ. Прочитајте ги нејзините две песни во продолжение во препев на Татјана Маженковска.
ОКУС-ПОКУС – Гордана Милојевиќ
Кога ќе те посакам
Сите мисли ги фрлам во еден фокус,
Во еден агол на гледање,
Го проживувам тој своевиден окус-покус
На нашето нестварно спојување.
Крстарам по планетава помеѓу туѓ свет,
Планини и океани прескокнувам,
А сè што барам, во едно го сливам,
Во желбата за тебе го сокривам.
Лутам и се борам да се снајдам,
Пеколот го поминувам додека те најдам,
И секогаш таа станица последна
Има вкус на твојата уста медна.
Врело утро кон врел ден плови,
Веќе се измерени триесет,
Патот за Хавана се изјалови
Кај ме чекаш на доручек,
Со сендвичи во ранец,
На некоја песочна плажа
Што мириса на школки;
Окото прави нервозна сондажа,
И не те гледа,
О, а капела!
Само мноштво голи тела
Низ кожата сонце впиваат,
Околу себе дребулии расфрлаат.
Напрегнав мисли, ти пратив порака:
Ајде да разбиеме навика
Јужни мориња и синило –
На чекор сме до беснило.
Ќе се сретнеме на капиите на Москва,
На минус дваесет и четири,
Кога ќе отчука пладневен час;
Ништо необчно за Москва –
Необично за нас.
Ветрот дува, побудалел,
И мразот леди пингвини,
Овде ни брат не би препознал;
Пак не се најдовме, извини!
Уште една солена ѓаволска шега.
Сега дојди во земјата на лалињата,
Онаа што испод море се извива,
И ветрот ги нишка полињата,
А на брегот се лулаат кораби;
Побрзај, Сонцето кон хоризонтот граби!
Да гледаме како боите треперат,
Дури одот на Месечината не е започнат
Низ небото збунето од две топки,
Една забрзано куфери спрема.
И не знам што се случи,
Сонцето отиде каде одлучи;
Окото по тебе се покренува,
Волчја глад ме опоменува.
Време е за вечери,
Полека паника ме фаќа:
Во Рејкјавик патот нè навраќа,
Да те носам на глечери
Каде нов лед над стариот лежи,
Се таложи, сè повеќе тежи,
И учи од еп распеан
Како се нурка во океан.
Кој ова не го спозна –
Ни Земјата не ја запозна;
Овде сè е исто, како на почеток,
Единствено што нема завршеток.
А ти скафандер облечи,
Дупли чорапи навлечи,
И гледај твоето одело
Никако да не биде бело;
Затоа што сè е бело,
Само флеките се темни,
Од трка се изморивме
Во бакнеж се изгубивме.
ЉУБОВ – Гордана Милојевиќ
Љубов, ко планина која ја освоив,
К’о дебело море што го раздвоив
Да поминеш, па патот да го поместам,
Во мојот свет да те нагостам.
Во подножјето на ридот, кај онаа стаза,
Гледај лозницата во каква е екстаза;
Грозјето мириса на вино,
Праската воздивнува невино.
Набабрена смоква сама се ниже,
Ја давам на сонцето да ја излиже,
Со нејзиноит сок да се напои,
Да оди, да нè спои.
Ти бараше срце –
И јас ти го дадов,
Ни до десет не избројав.
И едно да знаеш:
Никогаш, но никогаш
За тоа не се покајав.
Српска современа поезија
Препев: Татјана Маженковска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.