Во едно дамнешно време, каде секој знаеше само да сѐ смее, постоеше шума со најубавите цвеќиња. Поточиња бистри брзаа по својот тек, птици кои пееа заедно со ветрето беа дел од оркестарот на шумата. Таму каде дрвја со кошници се дом на весели крзнени станари со години од еден до пет во шумата највесела на цел свет. Таму некаде во средината на таа разиграна шума каде секој танцуваше па дури и тревките, живееше верверичка со име Скокалка. Кафена по боја со мали бели кругови распоредени по нејзиното меше.
Едноставно тоа мило суштество изгледаше како везден да носи костум. Опавчето пак ѝ беше разиграно секој пат. Очињата пак наликуваа на жерави, мали кафени со сјај во нив. Токму таа верверичка им беше омилено другарче на сите. Секој пат знаеше да ги ислуша сите и да ги посоветува како да се однесуваат спрема другите. Ги учеше секое утро да велат ,,добро утро’’ едни на други и да си помагаат кога ќе треба. Така весела везден рипкајќи од гранка на гранка собираше лешници и разни плодови за зимата наречена баба Ладна Мразулка. Која пак баба не беше толку омилена во шумата, најверојатно бидејќи кога таа ќе одлучеше да ги посети крзнените пријатели; ретко кој си играше надвор поради студените денови.
Секое утро почнуваше, кога сонцето Сончко ги будеше сите со својот танц играјќи над шумата весела. Едно такво утро сѐ чу аларм за тревога кој доаѓаше од кошницата на бувот Бувко. Целиот растревожен почна да вика колку го држи гласот. Дури во еден момент од што беше збунет за малку ќе паднеше од гранката. Целата шума сѐ стори зачудена, дури за прв пат во историјата на истата по некое чудно чудо сѐ пробуди и мрзеливиот гуштер Гуштерко кој беше познат по својата мрзеливост и поспаност. Дури му се имаше случено по пат кон дома да спие одејќи. Или пак да отиде на училиште и да си ги заборави книгите.
Притоа останатите животинки постојано се шегуваа со него за неговата поспаност. За неговите родендени му беа купувале будилници. Па неговата кошна наликуваше на продавница за будилници отколку на дом. По тревогата од страна на Бувко, крзнените топчиња дотрчаа, долетаа, и доскокнаа до местото од каде доаѓаше тревогата. Заедно со нив беше и Скокалка, нерасонета со полузатворени очиња не знаејќи што се случува извика: „Бувко зошто толку вревиш, денес е сабота и не сме на училиште. По некоја случајност да не подранила баба Ладна Мразулка?“ Праша со поспан глас. Не! викна Бувко, се случи многу страшна работа. Одеднаш сите станари почнаа да шепотат и кројат теории.
Едни велеа, дека некој натрапник можеби ги собрал плодовите од нивните крошни, други пак спомнуваа некакви си огнени топки кои би биле закана за нивната разиграна шума. Трети, претпоставуваа дека сношти Гуштерко станал на време. Мислите околу тој мистериозен страшен настан се редеа колку што беше и долга патеката во средина на местото каде што живееја. Поготово кога по неа одеше Гуштерко. Бувко не знаејќи како да ги смири неговите пријатели, одлучи преку песна да раскаже што се случило. Другарчиња мои приказната вели вака:
Сончко весел како секој пат,
ги рашири рацете за сите нас.
Шумата огреана се уште спие,
додека натрапник пакости крие.
Што ли ќе е?!
Кој ли знае?
Од позади старата липа,
крадешкум натрапникот срипа.
Што ли наумил тој?
Непознат посетител наш.
Дур Скокалка сон сонува,
Гуштерко поспан војува.
Бубамарка в сон цвет гледа.
Бувко се штрекна кога виде дека,
некој насмевките им ги зема.
Кој ли е? повторува Бувко.
Скокалка раменици крева.
Гуштерко поспан насмевка нема.
Бубамарата Бубамарка викна, знам јас пријатели мои кој е тој натрапник лош. Кој нас насмевките ни ги зема во сонот наш. Ако слушнете поубаво ќе видите дека нашата шума е тивка. Птиците одамна не пеат, пеперутките не летаат. Поточињата не вреват, цвеќињата не цветаат. Длабоко во шумата крај старата липа, во пештера длабока живее лошкото Волчко. Кој ни завидува на нашата песна, радост, почит и насмевки. Додека ние се радуваме на денот, тој крои планови за пакости триста. Неговото завивање е песна стална од која боли глава.
И така сложно крзнените пријатели дотрчаа, долетаа, и доскокнаа до пештерата темна битка да бијат со натрапникот лош. Влегоа еден по еден, тивко, чекор по чекор. Но еден недостига во бојот. Скокалка рече. Гуштерко поспан залутал некаде. Ах тој, мрзелив гуштер некој пат и чевлите ќе си ги загуби по пат. Но сепак решија да продолжат до местото од каде Волчко непрестано се смее. Дојдоа пред него за миг, и што ќе видат. Тој натрапник лош, легнал на подот и нозе кренал во вис, се смее дур го држи глас. Кога ги виде дотрча до нив и со тажен поглед и глас им рече: пријатели мои, немам ни братче ниту сестриче. Ниту мајка ни татко. Сам сум оддамна и тага носев секој ден.
Гледајќи ве вас скришум сакав и јас да се смеам, па одлучив да ги украдам насмевките ваши. Сега ми е жал, рече Волчко. Знам дека бев лош и скроив план зол. Но ви ги враќам со надеж дека ќе ми простите и ќе ме каните заедно да си играме и веселиме. Тоа и се случи, другарчињата решија да му простат на нивниот натрапник и заедно да се вратат во центарот на шумата за да продолжат повторно со смеа и играње. Но на пат накај дома, го сретнаа Гуштерко. Тој пак блесав зачуден, незнаејќи што се случува се сопна од камче кога го виде Волчко.
Поспан и спор ги дигна сите четири во вис правејќи се мртов. Но насмевката за прв пат го издаде во неговиот обид да го избегне натрапникот стар. Скокалка пријде до него и смеејќи сѐ, му рече: ах бре Гуштерко, додека ти поспан луташ ние бој завршивме, натрапникот го фативме и насмевките ги вративме. Сега за казна ќе ти купиме уште еден будилник но тој најголемиот за да те буди ѝ тебе ѝ нас. Бидејќи стравуваме да не нè фати поспаноста твоја, па да се успиеме и да го пропуштиме денот и игрите сите. Така целата тајфа со години од еден до пет се вратија среќно во шумата, највесела на целиот свет.
Љубител на зборот, надреално пишан и кажан. Кој спокој бара во несекојдневието и природата.