Занимливости и информации Општо Психолошко катче Совети

Наши препораки за секојдневни „домашни активности“ што ќе ве инспирираат во овие денови

Сите ја следиме моменталната состојба со Корона вирусот (COVID-19) и пред некој ден беше прогласена пандемија во светот, а вчера во САД претседателот прогласи вонредна состојба, исто така и во Бугарија. Кај нас беше прогласена кризна состојба вчера.

Ве замолуваме и апелираме да ги почитувате заштитните мерки и препораките (односно забраните) што ги изрече министерот за здравство!
Стрпете се од прошетки во парк и на отворено каде што има повеќе луѓе, кафето може да се пие и на балкон и во удобноста на домот, кафе-седенките и забавите можат да почекаат бидејќи за здравје се работи! Ако не се грижите за вас, тогаш бидете одговорни кон другите. Следете ги правилата и почитувајте ги бидејќи станува збор за колективно однесување што почнува од секој поединец.

Вие сте одговорни и должни да почитувате тоа што се налага и бара од вас, а тоа не е воопшто тешко да се исполни штом се работи за животно-загрозувачка ситуација!
За сите што викаат дека им е тешко да седат дома толку долго и дека нема што да прават, ние имаме решение за тоа во вид на препораки.

Ова е една „збирка“ предлози која намерно ќе ја направам поголема бидејќи имам еден куп идеи што би можеле да се прават помеѓу четири ѕида.
Некогаш луѓето се забавувале и без интернет, а во денешно време да кажеш „дека ти е досадно“ изгледа дека не знаеш како правилно да го користиш истото.

Прочитајте ги во продолжение идеите за „домашни активности“ со и без учество на деца!

1. Читајте и пишувајте

Ако не го правите ова секојдневно тогаш сега нема повеќе изговори дека немате доволно време. Земете ги сите книги што планиравте да ги прочитате и почнете. Ако имате и деца што одат во училиште и знаат да читаат, нека читаат и тие нивни лектири или детска литература, а потоа разговарајте со нив за тоа што го прочитале. Прашајте ги што им било најинтересно, дали ја разбрале содржината, дали можеби имаат некој нејасен збор. Едноставно можете да си направите „читачка атмосфера“ која ќе трае минимум два часа, верувајте дека ќе бидете многу инспирирани после тоа. Овде се важи и читање венисци, списанија и корисни „статии“ по домашни и странски портали.

Почнете да пишувате на одредена тема. Можеби ќе пишувате во дневникот што малку го заборавивте или ќе сакате да напишете некоја песна за вашите моментални чувства. Само земете пенкало и „истурете“ ги мислите на хартија, или направете го тоа на тастатура и потоа зачувајте го документот. Можеби во вас се крие неоткриена дарба за пишување. Доколку немате дневник каде што ќе ги запишувате мислите, можеби сега е вистинско време да го почнете.

2. Бојте или цртајте

Веќе знаете за популарните боенки за возрасни кои се користат и како медитативни техники. Немате таква боенка дома? Нема проблем – постојат на интернет еден куп „мандали“ што можете да ги симнете и да ги испечатите безбојно, а потоа истите да ги боите со дрвени боички или фломастери. Ако не сте во можнсот да го направите ова, постојат и мобилни апликации со кои „виртулено“ можете да боите.

Пример за такви апликации: Free Mandala Coloring Book , Coloring Book for Me & Mandala, и за деца Coloring Book – Kids Paint. На Play Store можат да се најдат уште многу други. Ако имате барем малку уметничка дарба за цртање тогаш обидете се да нацртате нешто. Можеби ќе откриете дека ве „бидува“ многу повеќе отколку што сте мислеле. Постојат многу начини за заедничка забава со цртање во која главно учество можат да имаат децата. Само бидете креативни.

3. Играјте друштвени игри

Покрај што можете да играте игри на компјутер или „PlayStation“, можете да играте и друштвени игри заедно со домашните. Од шах со двајца, „не лути се човече“, „монопол“, „игри со карти“, „домино“, „редење коцки“, „ризик“, и сите други забавни игри од сличен вид што постојат, а имате можност да ги играте – сега е вистинско време.

Покрај тоа што е забавно, тоа ќе ве зближи и ќе ги „оттргне“ малку мислите од сивото секојдневие. Одморете ги очите од екраните, и „вратете се на корените“. Секогаш постојат начини за да се забавувате групно, немојте да ги потценувате ваквите моменти на „заедништво“.

4. Гледајте филмови, серии, документарци

Одлично време за филмски маратони, и за маратонско гледање на серии. Покрај филмови и серии добро е да се погледне и некој документарец или други корисни видеа од кои може да се научи нешто ново, интересно и едуактивно. Исто така може да погледнете и некои ток-шоуа, да слушате радио емисии или подкасти. Интернетот изобилува со безброј вакви, и два месеца во карантин да поминете пак нема да можете да ги ислушате сите што постојат.

5. Исчистете го домот – направете генералка

Да не биде само забава, направете и нешто корисно за вас и за вашето место на живеење. Исчисте ги просториите од корен, пребришете прашина, исчистете ги теписите, избришете го подот, направете дезинфекција на кваките и останатите рачки и места каде што најмногу допирате, бироата, работните површини, предметите што ги користите секој ден како мобилните телефони, потоа исчистете ги креветите, вратите, прозорите и останатиот мебел, исмукајте темелно, прередете ги сите елементи во кујна, исфрлете го ѓубрето.

Сите непотребни работи што ви зафаќаат простор, средете ги фиоките и наредете го целиот исчистен прибор за јадење уредно. Да не набројувам понатаму зошто сигурна сум дека знаете како се чисти, па направете го тоа темелно бидејќи имате доволно време на располагање, и потоа уживајте во чистотата и пријатноста на вашиот блескав дом.

6. Пеглајте, диплете и преуредете ги плакарите

Откако ќе ги исперете сите алишта време е истите да се здиплат, испеглаат и стават на соодветно место. Сега е вистинско време да се преуредат плакарите, па направете го тоа пред доаѓање на пролетта. Сортирајте ги зимските алишта и одвојте ги, направете ѝ простор на полесната облека.

Наредете ги по боја или по материјал, закачете ги на закачалки, а тие што не ви требаат тргнете ги настрана и подоцна донирајте ги или поклонете ги на некој што му се потребни, така барем некој ќе ги носи додека вас ќе ви скапуваат во шкафот. Направете си и некои комбинации, можеби е време и да се мисли и што ќе биде следно парче облека со кое ќе се подновите. Па, „пребарајте“ на гугл и инспирирајте се.

7. Гответе и учете нови рецепти

Сега е време да ги покажете кулинарските способности и конечно им дојде редот на сите рецепти што сакавте да ги испробате веќе долго време. Можеби ќе зготвите некоја здрава варијанта од вашиот омилен десерт или ќе научите да ги приготвувате макароните на поинаков начин – изборор е ваш. Исто како и опциите, па останува да ги набавите потребните намирници и да ги засукате ракавите и правец во кујна!

8. Медитирајте и вежбајте

Ако не сте по медитирањето и практикувањето јога (одделно можат да се прават, но се поврзани), тогаш сигурно можете да одвоите барем половина час за вежбање. Сега кога повеќето теретани не работат, не смеете да дозволите да ја прекршите вашата рутина за тренирање. Можете да си вежбате и дома со помош на апликација, „јутјуб видеа“, ДВД видеа со вежби, со помош на тегови, па и на справа доколку имате за во домашни услови. Или не ви треба ништо од ова, на крајот на краиштата сите знаете како се прават чучњеви и стомачни и некои основни вежби што сме ги вежбале на часовите по физичко.

Останете активни и никако не се „залежувајте“, и десетминутно кратка, но интензивна вежба се смета за физика активност. И најважно – одржувајте ја хигиената на највисоко ниво! Покрај миењето раце и туширање, можете да си правите и „козметички третмани“ во домашни услови, како и да испробате нови начини на користење шминка и „малку да си поиграте“ со истата.

9. Танцувајте, пејте и слушајте музика

Можеби не сте по танцувањето, но што има врска? Никогаш не е доцна да ја појачате музиката и да го пуштите телото да се движи по ритамот на вашата омилена песна. Танцувајте како никој да не ве гледа, а ако сте расположени можете и да си направите „мини домашна забава“. Ако не сакате да играте тогаш пејте како да одржувате концерт исто како што знаете некогаш да го правите тоа под тушот. Никој нема да ви замери на фалшовите, не сте Бијонсе ниту Витни Хјустон. Ако имате желба за пеење – правете го тоа и без извинување, никој нема да замери за вашето лошо пеење.

Можете да си направите и домашно „кароке“.
Сега постои и една апликација од која може да се научат и нови чекори, а и да се натпреварувате со другите. Забавна и доста корисна активност за трошење калории.
Симнете ја Just Dance Now и нека почне забавата!

10. Следете некој „онлајн“ курс

Доколку сакате да научете нешто ново или можеби да го надополните вашето знаење во одредена област, почнете некој „онлајн“ курс. Постојат многу бесплатни курсеви што можат многу да ви помогнат. Еве некои корисни линкови: Duolingo, Memrsie, Coursera, EdX. Потребни се само желба и време, а со достапноста на ова што се нуди треба само да знаеме правилно да го искористиме.

Постојат уште многу идеи што би можело да се прави помеѓу четири ѕида. Овие што ги предложив се сосема доволни и секој од вас може да ги прави.
Што и да правите – правете го со уживање, и никако не е препорачливо да се жалите дека ви е досадно. Невозможно е да постои здодевност покрај толку опции и можности за „занимација“.


Одберете ги оние активности што се најблиски до вашите интереси и уживајте во процесот!
Чувајте се и останате дома освен ако имате неодложлива обврска поради која мора да го напуштите домот. Во спротивно важи овој хаштаг #седисидома.

Similar Posts

One thought on “Наши препораки за секојдневни „домашни активности“ што ќе ве инспирираат во овие денови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје