РАСКАЗ
Одлучив да почнам со првиот стих со нова поема, нов порив разлетан се беше здал. Но како да продолжам кога прстиве тежнеат за расказ.
ФОТОГРАФИЈА
Се фатив приклештен со спомените од едно дамнешно време. Кога златнокосец мечтаеше да го освои светот. Со насмевка заробена на фотографија стара, стои така тој на моторен чамец и не престанува да ми се смее.
ОДЛУЧНОСТ
Не пијам, туку уживам. Оти алкохолот е за луѓе не за говеда. Кажа еднаш еден акален човек. Ја гледам чашава со јак Вранец и ја прекорувам за нејзината привлечност.
ИЗГУБЕН СОН
Сонував и се будев со ноти, виолински клучеви и петолинијки. Сега само жалам за песнарката зафрлена и талентот запуштен.
ДРУШКА
Љубев, давав… за малку ќе останев без срце. Прстен се стркала кон заборавот. Сега, сега се смеам хистерично на тоа и утеха барам во листот и перото.
ЖИВОТ
Одев против него, соборував сè пред себе, а попат се најде и среќата. Судбината ја бутнав не вртејќи се. Неколку пати ми го покажа судниот час и светлината на крајот. Јас пак му се смеев в лице и пркосев на сè. Сега, пазам каде чекорам, чекорам со почит кон него… Кон животот.
Љубител на зборот, надреално пишан и кажан. Кој спокој бара во несекојдневието и природата.