Литература Литературна критика (рецензии)

Дали ѕверот ќе биде конечно ослободен? – „Архангел – Ослободување на ѕверот“ од Даниел Бибовски

Случувањата во одреден дел од светот после третата светска војна е проткаена во научно-фантастичната приказна раскажана преку зборовите на главниот протагонист, младиот јунак Адам. Тој живее во една прилично нова тест-населба населена од врвни научници, психолози, инженери, биолози, економисти, лекари, физичари. Интересен податок е дека на истата населба не може да живее секој што ќе посака, па затоа постојат посебни услови што треба да се исполнат за да се добие дозвола за преселување.

Која е приказната накратко?

Главниот јунак кој ќе нè воведе во неговиот свет, живот и авантури е жител на Архангел 2009. Токму поради тоа што одлучиле да го посвојат за двајцата да можат полесно да дојдат до новиот град сместен на Антарктикот, изграден на јужниот пол со цел. Целта луѓето со текот на времето ќе ја заборават, но постоењето на овој град е потсетник само со што се справувало човештвото пред и после третата светска војна. Покрај напреднатите технологии и во голема мера полесниот начин на живот, на Адам не му е воопшто лесно од повеќе причини.

Главната причина е соочувањето со болната вистина дека неговите вистински родители го оставиле. Тој не знае на што точно се должела нивната одлука. Принуден секојдневно да се соочува со Белардови и нивните каприци. Од задушување на неговата слободна волја, правото на избор до полнење на неговата глава со измислици поврзани со неговите вистински родители.Адам покрај сè се труди да го следи својот сон и да ја негува љубовта кон технологијата и роботиката. Го посетува институтот каде што ќе го создаде роботизираниот пријател со квантен компјутер.

Вештачката интелигенција како главна тема е присутна во страниците

Вештачката интелигенција во голема мера е развиена во периодот кој е претставен во романот. Се појавува и нова наука наречена 3-ФИ, спој на неколку науки. Нејзините главни начела се интересни, како и правилата, а самото користење на 3-ФИ техниките и моќта што ја има истото е за воодушевување. Истите не смеат да се користат за злобни цели. Ниту да се искористува нивната моќ. Се смета дека е потребен долг период за човекот да се научи да ја користи техниката на читање на човечките емоции. Како и ставање во кожата на другиот со можност да се проникне подлабоко. Со цел за да се доживеат сите чувства што другиот ги чувствува со долго гледање во очи. 

Со оглед на фактот дека досега никој не научил да чита човечки мисли, ниту со помош на напредна технологија, ова со читањето на туѓите емоции е возбудлив концепт па дури и кога би бил реалност после 100 години отсега. На Адам му е ставено до знаење дека има посебна дарба за 3-ФИ. Најпрво со него го запознава неговата пријателка која го изучува истото и му го демонстрира. Тој останува збунет, изненаден и истовремено воодушевен. Бидејќи таа е нова во градот, Адам ќе има шанса да ѝ покаже некои други објекти и простории во школото.

Свет надвор од “светот“

Сознанието за постоење на друг свет надвор од Архангел којшто тој не го познава го прави уште пољубопитен. Уморен е од неговите врсници што постојано безделничат на Ворлдбук и нивната популарност што не им носи ништо корисно. Препирките со домашните и неговата разгалена сестра која секогаш го омаловажува го прават желен за тој непознат свет. Истовремено одлучен дека мора да преземе нешто.

Да не беше курсот по историја никогаш немаше да ја запознае Ема. Против негова волја е принуден да ги следи часовите по историја само за да може да го посетува институтот за технологија. Првиот допир со технологија бил со подарокот што му го испратиле неговите вистински родители. Тој бил мал т-рекс што Адам сам успева да го склопи без гледање на упатствата. Тогаш после единствената средба со нив точно знае што сака да биде кога ќе порасне. Можеби и тие му ја „одредиле“ судбината, но тој е цврсто убеден дека подеднакво ќе ја сакаше технологијата дури и да не беше во допир со тој подарок.

Сепак одлучено е дека му било запишано во гените бидејќи тој е генијален со неговите изуми и со тоа што го прави во институтот. Биви е плод на неговата исклучителна интелигенција, фантазија и љубов кон роботиката и занимавањето со неа. Ретко кој од тамошните деца на Архангел би можеле да ја разберат оваа негова пасија бидејќи сите се зафатени со виртуелната реалност и не се многу заинтересирани за човештвото. Адам надарен со повеќе дарби отсекогаш поинаку гледал на светот и на луѓето, па впуштајќи се во една долга и непредвидлива мисија конечно може да ги напушти границите на градот со помош на летечкиот Биви.

Различни заедници со различни цели

Постоењето на различни заедници со различни цели е повеќе и од доволно за тој да посака да посети барем дел од нив. Но, неговата мисија е многу поголема од шетање и обиколување на светот. Господин Код, Данагер, темниот генерал, професорката и останатите ликови со кои ќе дојде во контакт само му ги прошируваат хоризонтите. Мисијата за спречување на изградбата на кулите Тесла што се главна причина за несреќи со смртни последици како и желбата да се одложи нивното пуштање за да се спасат животите на многу невини луѓе ќе трае подолго од предвидено. Сето тоа ќе биде проследена со многу предизвици за Биви и Адам. Во текот на таа авантура од огромни размери за двајцата која можеше да биде фатална по живот, Адам ќе успее да ги пронајде одговорите. Ќе ја научи вистината по која трагаше за време на неговото постоење.

Страв од разделба

Стравот од разделбата со Биви е главен двигател за почеток на таа авантура. Но и од алтруистички побуди главниот јунак решава да преземе акција. Најважната лекција што може да се извлече од овој научно-фантастичен роман е дека колку и да напреднала технологијата, без оглед каква преобразба доживува планетата, а со тоа и целата цивилизација, луѓето ќе бидат само луѓе и ќе продолжат да имаат емоции.

После многу години колку голем замав  да земат роботиката и виртуелната реалност, човекот секогаш ќе има потреба од друг сличен на него што ќе може да го разбере. И да ги сфати неговите потреби и желби. Никаков развој на цивилизацијата нема да може да ги надмине човечката алчност, себичност, злоба. Како и моќта за превласт, за владеење, потребата за влијателност, за популарност, стекнување слава и богатство.

Дали Адам ќе успее да ја исполни својата мисија и ќе влијае врз подобрување на општото добро?

Дали ќе помогне во правење на светот подобро место за живеење ќе откриете ако ја прочитате оваа книга.        

Мене успеа да ми го задржи вниманието од првата до последната страница. Затоа ѝ дадов предност при правење на нејзин осврт кој сакав да го споделам на блогот.
Романот е полн и со животни лекции склопени во некои делови од дијалозите. Или се скриени во размислувањата на главниот протагонист. Можноста за проникнување во неговиот ментален склоп е успешно остварлива со помош на читливиот и разбирлив стил на пишување на авторот. Одлично раскажана приказна што особено ќе им се допадне на фантазерите. Како и на љубителите на технологијата или студентите по информатика. Како и на сите љубопитни да дознаат на каков начин се ослободува ѕверот и што се крие под оваа метафора.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје