Колумни

Слобода – фикција како дел од битието!?

Еднаш неодамна, канадскиот поет ,,Атикус” ја опиша Слободата, па вели: ,,Сите ние сме родени слободни, поминувајќи го времето како робови со нашите лажни вистини”. Додека пак Големиот Ајнштајн рекол: ,,Слободата, во секој случај, е возможна со непрекината борба за неа”.

Некаде таму во едно ,,слободно,, време, лето две илјади и деветто… Чекав ред за устен испит пред кабинетот на познат професор и колумнист, по вокација философ. Со разигран поглед, очи кои вртат во својата оска и непрекинато срцебиење бев потпрен на болничко сиво обоениот ѕид од тесниот коридор при државниот факултет. Знаењето за средбата со неговото височество почна да ми го храни егото со зголемен ритам. Сето она знаење кое го стекнав до тогаш за ,,животот” бев немирно желен да го споделам тет а тет со него. Конечно ја отворив портата од замокот на колумнистот кој, не само што ме воодушевуваше со неговиот поглед кон нештата, туку и вдахнуваше еден сосема друг поглед на светот во своите писанија. Седнат наспроти, ми постави едно единствено испитно прашање. Толку кратко, но толку моќно. Вели, кажи ми што за тебе претставува ,,СЛОБОДАТА”. Слобода!, гласно потврдив. Хм?… На неа гледам како единка отфрлена на пуст остров, одговорив. Неговата негација по мојот одговор ми беше доволна за да знам дека јас не знам што значи тој моќен збор.

Лето две илјади и дваесетто, не следејќи ја толку состојбата со новонастанатиов вирус. Пробувам да останам подалеку од новости и збиднувања, сепак не можев да останам не доследен. Токму сега удобно седнат во својата кадифена фотелја, погледнувам на часовникот кој отчука дваесет и пет минути до десет часот… Размислувам за нашиот привремен ,,затвор”. И за неговата спротивност ,,слобода”. Но што за вас претставува Слободата?, кратко би ве прашал како што бев јас прашан од виртуозот на македонската философија и колумна.

Сигурен сум дека некој од вас почитувани читатели на нашиот блог, ќе го повтори мојот одговор со пустиот остров, друг пак ќе потврди дека слободата е кога една личност слободно шета, говори и мисли. Ил пак слобода е сѐ она кое можеме да го правиме без некој да не води низ нештото. Но не! Драги мои, не би се сложил со вас и со оној јас, од факултетските денови. Слобода… толку убаво звучи и посакувано, толку надеж и утеха се состои во овој едноставен, но моќен збор. Но дали самиот тој е вистински. Да, говорно постои во речникот и говорниот јазик на сите континенти. Но мисловно не би се сложил дека постои. Токму затоа велам дека ,,Слободата е фикција како дел од едно битие”. Слобода, е измислен збор за да одредено битие се оддалечи од контролата врз него, со тоа се оддалечува од поимот анархија. Слободата е едноставно синоним за ,,контрола”. Зарем… ако сте на пуст остров без ,,систем” сте слободни? Не не би се сложил, ви ќе бидете заробени и контролирани сѐ уште од околината и условите на дадената состојба во која се наоѓате. Слобода не е ослободен притвореник или пак можност за сопствен јавен говор. Слобода не е ниту пак состојбата на новороденчето, тоа несвесното сепак зависи од својата мајка, и од системот во кој доаѓа. Слобода не е ниту пак последниот ден. Сепак ,,енергијата” е заробена во универзумов. Токму затоа велам, слободата е мисловна појава која ни влева надеж и утеха за можноста за делување. Но како ние ќе делуваме е сосема друго прашање. Никој, никојпат не бил слободен, ниту ќе биде. Моментално сме слободно затворени во своите дувла. Притоа време е да се посветиме на оној мисловен поим ,,слобода”, притоа пронаоѓајќи се себеси суштински и толкувачки кон своето Јас.

Втурнете се во слободниот свет на книгите. Нека вашиот ум го оспознае поимот слобода. Преку ,,слободните бескрајни светови” кои постојат во нив. Дур поминуваме преку состојбата со ограниченост.

Бидејќи слободата постои само во вашиот ум, дур вашите мисли се патот за неа… Читањето и мечтаењето можат да ве однесат слободни во познати и непознати светови.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје