Спомени – Јасмина Михајлоска

Ми кажаа дека се бришеле спомени,
им поверував и пробав.
Ноќ е. Затворам очи. Мрак. Тишина.
Само ветрот неуморно вее.
Вее и ми носи спомени.
Едни ќе ги донесе други ќе ги однесе.
Нека ги донесе само убавите,
а лошите нека ги носи некаде далеку,
некаде на некои планини нека ги фрли,
да го изгубат патот,
да не се вратат. 
Дожд почнува. Силно врне.
Удираат капките на мојот прозорец.
Нека удираат, нека измијат сè што остана,
нека довршат тоа што ветрот почна.
Ни трага да не остане од нив.
Утро е. Отварам очи. Светлина. Песна.
Сонце ми го огрева лицето,
ги слушам птиците, се распеале весело.
Нема ни трага од спомените што ги истерав,
ветерот ги одвеал, дождот ги докрајчил.
Нема да се вратат.  Нема потреба.
Доволно ми се оние среќните,
немам место за овие.
Ех, да беше толку лесно,
ама не е.
Да, ми кажаа така се бришеле спомени,
им поверував, пробав, ама не успеав.

Јасмина Михајлоска

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!