Ванчо Николески (Црвена Вода, Охридско, 10 јуни 1912 – Црвена Вода, Охридско, 15 април 1980) — македонски писател, претставник на првата повоена генерација македонски писатели за деца и младина.

Ванчо Николески е роден во село Црвена Вода – Дебрца, Охридско. Основно училиште завршува во родното село, гимназија во Охрид, а учителска школа во Скопје. По завршувањето на учителска школа, тој учителствувал во многу села низ Македонија.
По ослободувањето на Македонија, Николески работел како новинар и уредник на весникот „Титов пионер“ и во детските емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Од 1950 година, тој бил член на Друштвото на писателите на Македонија.
За своето книжевно творештво, Николески бил добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои и наградите:
- „11 Октомври
- „Климент Охридски“ и
- „Младо поколение“.
Неговите дела се преведени на сите југословенски јазици, а тој самиот се занимавал со преведување од српски и од руски јазик.

Во негова чест, Друштвото на писателите на Македонија ја доделува наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца и млади.
Николески спаѓа во основоположниците на македонската литература за деца и нејзин најистакнат претставник во периодот непосредно по Втората светска војна.
Своите први поетски творби ги објавил во детскиот весник „Титов пионер“.
- „Македонче“ (прва збирка песни за деца на македонски јазик, 1946)
- „Мице“ (поема, 1947)
- „Школско ѕвонче“ (песни, 1947)
- „Прва радост“ (песни, 1947)
- „Бабино вретенце“ (песни, 1948)
- „Крај огниште“ (песни, 1948)
- „Дедови приказни“ (песни, 1950)
- „Шарено торбиче“ (песни, 1950)
- „Татковина“ (песни, 1950)
- „Мое село“ (песни, 1950)
- „Чуден свет“ (песни, 1952)
- „Чудотворен кавал“ (раскази, 1952)
- „Мојот ден“ (сликовница, 1952)
- „Стани, Коле“ (песни, 1952)
- „Братска дружба“ (приказни и бајки, 1953)
- „Четиринаесет илјади ослепени“ (историска поема за времето на Цар Самоил, 1954)
- „Приказни и бајки за деца“ (1955)
- „Чудни случки“ (раскази, 1958)
- „Цвета смета“ (сликовница, 1960)
- „Волшебното самарче“ (роман, 1962)
- „Приказни од моето село“ (раскази, 1964)
- „Гоце Делчев“ (роман, 1964)
- „Чуден дедо“ (песни, 1964)
- „Под виорното знаме“ (роман, 1967)
- „Приказни од волшебната куќичка“ (раскази, 1970)
- „Малиот ловец“ (раскази, 1970)
- „Станко спанко“ (песни, 1972)
- „Ѕвездени вечери“ (песни, 1973)
- „Рачко плачко“ (песни, 1973)
- „Крвави години“ (хроника-роман)
- „Жива книга“ (раскази, 1978)
На денот на завршување на учебната година да се потсетиме на неговите најпознати дела кои можете да ги прочитате онлајн: „Волшебното самарче“, „Мое село“, „Гоце Делчев“.