Повик – Наталија Наумовска

Онаа на која помислуваш
кога си сам,
или кога си зафатен во гужва,
онаа на која прва сакаш да ѝ соопштиш
тажни и среќни вести,
таа истата чијашто дланка
се вклопува одлично во твојата,
како глина во калап.

Tаа истата во чиишто очи
можеш да си ја видиш иднината,
истата таа постои затоа што постоиш и ти,
истата таа не би постоела
да не постоеше ти.

Онаа која сакаш да е покрај тебе
и кога не си доволно свој,
и кога не ти е до луѓе,
и кога денот тргнал наопаку,
и кога сакаш да си сам, ама до неа.

Oнаа што ти ја разбира тишината,
и кога таа тишина значи нешто,
и со која празната тишина е уживање,
и чијашто тишина ти е позната,
и со молк кога очите зборуваат
сѐ она што усните не го искажале.

Онаа која ти простува и кога не си заслужил,
онаа која не може да ти биде лута
подолго од десет минути,
онаа која сака да биде дел
од твојот живот каков и да е,
онаа која сакаш да е покрај тебе
и во победи и во порази.

Oнаа која нема да ти се развика ако ја изнервираш
туку ќе се повлече молкум
а ти тогаш ќе посакаш да ја гушнеш,
онаа која совршено ја разбира
секоја твоја постапка,
и на која нема да ѝ здодееш.

Oнаа која ќе те пречекува со насмев
и ти е најголема поддршка
каква што си немал претходно.
Онаа со која двајцата меѓусебно ќе се бодрите
за да станете подобра верзија од себе,
но се прифаќате такви какви што сте.

Онаа со која ќе ги бркате соништата
и со која ќе си создадете идеален свет
разбирлив само за вас двајца.
Е таа да ти дојде,
да не посакаш никогаш да ја изгубиш,
и да ја чуваш како капка на дланка
оти ваквата не се повторува,
еднаш е за цел живот.
Повикај ја, може еден ден
ќе ти се исполни.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели