Skip to content

Јовица Тасевски – Етернијан – Пејзаж

Јовица Тасевски – Етернијан (роден на денешен ден, 25 јули 1976 год. во Скопје) е македонски поет, есеист, критичар и преведувач.

Дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Работи во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Уредник е на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ – Прилеп. Уредник-консултант е на индиската книжевна ревија „Инчентин версис“. Член е на издавачкиот совет на референтното научно списание „Сајбер литература“. Бил стручен советник за македонска поезија во меѓународниот поетски проект „Други гласови“ – антологија на светската поезија вклучена во World Poetry Directory на УНЕСКО.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, Британското поетско друштво (The Poetry Society) и Светското поетско друштво. Почесен член е Австралиското поетско друштво.

Го има добиено интернационалното поетско признание „Восхитувачки поет“ што се доделува во Индија за исклучителен придонес во современата поезија.

Заедно со Маја Апостолоска го има составено изборот од современата македонска поезија со библиски, религиозни и апокрифни мотиви што излезе како специјален број на списанието Стремеж (11/12. 2000). Приредувач е и на антологијата на младата македонска поезија „Неидентификувана небесна дојка“.

Неговата поезија е преведена на петнаесетина јазици и објавена е во списанија и антологии во над дваесет држави.

Ја споделуваме неговата песна „Пејзаж“ од збирката поезија „Небесни стражи“ издадена во 2004 година.

Пејзаж

Љубоморното сонце се ведне кон ( езерото

кое, патем кажано, е) проѕирниот роб

на сладострасните планини,

(посакувајќи да го испие)

се засркнува,

се струполува,

и ете ја

ноќта која се расфрла

Со снег: паѓа ли, паѓа во мене

(толку упорно, што ми се чини

дека сака) да ме зарази

со црна фригидност

засекогаш

*Преку оваа песна читателот може да согледа како авторот врши лирска редукција на јазичниот материјал, на следниов начин: прочитајте го текстот прво целокупно, вклучувајќи ги и оние делови кои се ставени во загради, а потоа прочитајте го без исказните фрагменти во заградите.

Дали забележувате дека при второто читање стиховите се позбиени, сo непосредна интеракција меѓу поимите кои притоа стапуваат во необични односи и овозможуваат различни асоцијации? Всушност, преку редуцираното читање на текстот се доаѓа до конечната, естетски прочистена форма на песната.

Во продолжение уживајте во рециталите на неговите две песни кои може да ги најдете на нашиот блог (на линковите подолу):

Химна на меморијата – Јовица Тасевски Етернијан

Пир вознемир – Јовица Тасевски Етернијан

Напишете коментар