Литература Проза

Животот секогаш не е весела песна ниту игра чесна, но сепак го сакаме

Секогаш кога ќе помислам на животот на памет ми доаѓаат сите оние навидум клише муабети, реченици и цитати од типот: „Животот пишува романи“, „Животот е вреден“, „Еднаш се живее“, „Животот е игра“ и слични на нив. Не можам да не се согласам дека колку и да се клишеа сите изреки кажани за него се точни до срж. Но секогаш ќе има што да се пишува за него иако тој сам по себе пишува романи. При секоја помисла на него ми текнува дека тој е еден од ретките нешта за коишто никој немаме реприза ниту некој го вратил откако го изгубил. Да, животот секому дава втора шанса, барем за оние коишто вистински ја заслужуваат, но кога еднаш ќе заврши – на последната страница од романот се става точка и тука некаде завршува приказната. Додека да биде ставена таа последна точка ние сакале или не мораме да бидеме актери во предвидените поглавја што сами ги пишуваме.
Сечиј живот се разликува во бројот на страници, поглавја, заплет, содржина…Интересен е фактот што животите на повеќето од нас се испреплетуваат во некои моменти, па сите ние стануваме главни јунаци во своите приказни, и заедно ги одигруваме “претставите“ делејќи ги главните улоги.
Сакам да го нарекувам неочекуван подарок, бидејќи никој не нè прашува дали сакаме да го добиеме, и добивајќи го да дојдеме на свет. Истиот тој подарок можам да го споредам со многу нешта, а да не се роман, филм, театар, или песна. Иако целиот живот може да се сведе на едно од овие претходно набројани, јас би го споредила со река, колку и да звучи невозможно. Некаде имам прочитано или слушнато дека „животот тече како река, и никого не чека“, па со оваа изјава во мојата глава се создава една композициски сплет од мисли кои велат дека оваа изјава не може да биде поточна.
Да, можеби нашите животи во одредена точка завршуваат, и не се вечни како што се теченијата на реките, но кога ќе размислам подобро и реката може да пресуши. Тогаш тоа за неа е крајот, аналогно на прекинување на срцебиењето.
Годините протекуваат низ нашите животи, течението ни е неизвесно, некогаш не ни знаеме каде ќе се слее реката. Во кој и каков поток, во море или езеро? Накрај не е важно бидејќи многу е поважно “течението“. Сите ќе завршиме на исто место, колку и да звучи ова сурово – од крајот не се бега. Но затоа може да се избега од лоши мисли, негативна енергија, злоба, омраза, оговарање, сплетки, сопки, уценувања, поткуп, злодела или со еден збор од сите негативности на кои можете да помислите. Да, сега ве замолувам да помислите на најубавото нешто што ви се случило во животот. Дали е тоа материјално, човечко суштество или нешто друго што не може да се купи со пари? Сега помислете на најубавото нешто што треба допрва да ви се случи. Можам да се обложам дека ова го очекувавте цел живот, копнеевте за него долго време. Трпеливо чекавте и конечно ќ дојде моментот на неговото остварување. Однапред си го замислувате моментот и како ќе се чувствувате тогаш. Епа драги мои, така чувствувајте се секој ден, правете работи кои ќе ве исполнуваат на тој начин, и не чекајте многу за да ви се случат најубавите нешта во вашите животи. Тие не можат да се купат со ниедна пара, а вредат за три животи! Бидејќи сите ние имаме само еден, да го прегрнеме силно во желба да ни трае подолго, и да ги испишуваме страниците со значајни мигови вредни за прераскажување.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје