Литература Препораки за читање

Романси кои ќе ги освојат вашите срца уште од првата страница

За сите љубители на романси, љубовни приказни и романтика ги предлагаме следните три романи. Возбудливи и со интересна приказна ќе го задржат вашето внимание до самиот крај.

Сурова љубов – Колин Хувер

„Сурова љубов“ е романса која ќе ве стави во виорот на болката. Кога Тејт Колинс го запознава пилотот Мајлс Арчер, знае дека тоа не е љубов на прв поглед. Тие не можат да се однесуваат дури ни како пријатели. Единственото заедничко нешто им е непобитната взаемна привлечност. И кога ги отвораат картите, сфаќаат дека тоа им одговара на двајцата. Тој не сака љубов, таа нема време за љубов, па им останува само сексот. И нивниот договор може да е незамисливо едноставен ако Тејт успее да се држи до единствените две правила што Мајлс ги има за неа.

Никогаш не поставувај прашања за минатото.
Не очекувај иднина.

Двајцата се убедени дека можат да се носат со овој договор, но речиси веднаш сфаќаат дека не можат.

Се кршат ветувања. Се кршат правила. Се кршат срца…
Љубовта станува сурова.

Без каење – Колин Хувер

„Без каење“ е роман во кој Морган има родено дете претерано млада. Заради тоа дете, се има омажено со првото момче од средно школо и целиот нејзин живот е една мирна, предвидлива и малку монотона песна. Таа и нејзината шеснаесетгодишна ќерка Клара се страшно различни и не ни сакаат да бидат слични. Морган, како и секоја мајка на тинејџерка, сака да се погрижи нејзината ќерка да не ги направи истите грешки што ги направила таа кога прерано останала трудна и морала да си ги стави на пауза сите соништа. Но Клара не сака да тргне по чекорите на мајка си. Таа дури и ја презира мајка си бидејќи смета дека не знае што е тоа спонтаност, дека е страшно здодевна.

Единствената личност која може да внесе малку мир во нивните животи е Крис – сопругот на Морган и татко на Клара, кој всушност е сидрото на семејството. Но мирот наеднаш го снемува кога Крис доживува трагична (и сомнителна) сообраќајна несреќа. Јазот помеѓу мајката и ќерката дополнително се зголемува кога почнуваат да се трупаат тајни, болни откритија, недоразбирања и нова љубов. Се чини дека тие две никогаш веќе нема да најдат пат една до друга…

Напишано со каење – Али Мартинез

„Напишано со каење“ е романса која убедливо ќе ве освои уште од првата прочитана страница. Имено, секое девојче сонува за сопствена бајка. Бајката во која силниот витез доаѓа да ја спаси од канџите на злото. Потоа се заљубуваат, се венчаат, имаат деца и живеат среќно до крајот на животот.

По таа дефиниција, и мојот живот требаше да е бајка. Кога имав осум години, Кејвен Хант ме спаси од најголемото зло на Земјата. Нема врска што бев само дете. Сепак се вљубив во него. Но таму воедно и заврши мојата бајка.

Многу години подоцна, една непромислена ноќ во најмрачен период од животот ни подари ќеркичка. Но тој мрак не беше ништо во споредба со црнилото што ме консумираше кога бев принудена да ја оставам со Кејвен засекогаш. Сите бајки имаат едно нешто заедничко: среќен крај. Знаев дека мојата нема да има, но секоја ноќ се молев барем нејзината да има.

Му го должев животот на Кејвен. Но на тоа девојченце му должев уште повеќе. Па затоа морав повторно да се соочам со татко ѝ, без разлика колку болело.

 

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје