На наше големо задоволство денес имавме чест да поразговараме со Милица Паулус, македонски автор кој живее и твори во странство, но не се откажува лесно од својата татковина и посветено со децении го негува македонскиот јазик.
Која е Милица Паулус? Претставете им се на оние читатели што можеби не слушнале за вас.
– Писател, поет, амбасадор на македонската литература во Македонија и во светските рамки, колумнист, есеист, публицист, драмски автор, литературен критичар, литературен агент, промотор, рецензент, организатор и спонзор на литературни манифестации во Македонија, уредник на антологии, двигател и мисионер на македонската литература и мотиватор за пишување и читање, како на возрасните, така и на младината и на децата.
Живеете и работите во Германија. Како се случи да одлучите да ја напуштите Македонија и да почнете нов живот таму?
– Виновник беше љубовта, кон таткото на мојата ќерка! Тој е Германец и одлучивме да живееме во Германија.
Имате диплома за пишување од германски факултет, ако не се лажам. Што е потребно да се направи за истата да може некој да ја добие?
– Се студира и со еден завршен дипломски испит се брани дипломата – се дипломира, па исто, како и на останатите факултети! Пред да отидам во Германија, во Македонија студирав компаративна книжевност и можеби затоа, не ми беше тешко да студирам и во Германија и да дипломирам предвреме. Ние сè уште немаме таков факултет. Има во Германија, а сега гледам и во Австрија. Мојата диплома гласи – дипломиран писател и литературно пишување – засега сум единствен дипломиран писател во Македонија.
Од кога почнавте да се занимавате со пишување?
– Пишував, уште пред да ги научам буквите. Мама ми кажува, како си измислував стихови за пиленце, маченце, кученце и пеперутка, а по некој стих бил и римуван. Сум ги сакала многу бајките и сум си измислувала приказни. Се смее мама, почетокот бил скоро секогаш – си бил-била еднаш …… хаха! Првата поетска творба од неколку стихови со наслов – Раката на мама – ја напишав во трето одделение.
Кажете ни за вашето творештво, од што се состои?
– Пишувам двојазично, на македонски и на германски јазик и за сите по нешто. Дали е тоа проза или поезија, достапна е за возрасни, младина и деца. Безмерна е димензијата на интересот за читање помеѓу генерациите. Тематизирањето треба да биде витално и прилагодено спрема староста на читателите, особено во денешното ново, модернизирано и глобализирано општество. Со дослух на естетика, рефлективност и стилско брусење, да биде напишано, кога музите пеат. Тоа е смесата на моето творештво. Нема никаков стисок и ритуали на моите зборови, мисли и чувства.
Помеѓу писателските кругови во Македонија сте позната по организирање литературни, поетски и културни манифестации. Како успевате да ги организирате и кој е главниот мотив за нивно одржување?
– Патот по кој јас, како прва загазив, беше трнлив и чекорев по калдрма! Поминав преку многу пречки и потешкотии! Жртвував многу време, љубов, трпение, работа и финансии! Работев и ноќеска, не само денски! Отворив неколку македонски и неколку интернационални литературни групи на Фб. Мотивирав за пишување и возрасни и младина и деца.
Тие што пишуваа ги внесував во литературните групи, каде што се читавме, издававме антологии, па дури и првите книги! Започнав да одржувам поетски читања, манифестации и фестивали и преку нив имаа прилика сите да се запознаат! Правевме промоции, пишувавме рецензии и така полека, секој се осамостојуваше и се посветуваше себеси, на своите лични дела и творење, зачекорувајќи по патот на литературното поле.
Почна многу да се чита и да се пишува, а пламна и се разгори нашата македонска литература, која беше доста задремана! Сега, се работи со голем интерес за творење, односно се негува нашиот јазик.
Од едно вирче, капка по капка израсна во море. Еве, веќе 15 години, откако работам интензивно и со големо залагање за разбудување и успех на македонскиот пишан збор! Имам многу следбеници, па скоро сите што пишуваат, започнале со мене – со моите литературни групи и поетски манифестации!
Сега се ствараат и поетски клубови по градовите, кои се доста активни. Посебно ме радува, што веќе не сум сама и гледам, дека и поетските клубови организираат по некое поетско читање. Главната цел на мојата долгогодишна работа за творење и организирање на литературни настани е: промовирање, афирмирање и негување на македонскиот јазик во Македонија и надвор од неа, во светските рамки! Навистина, секој труд има и свој успех!
Соработката со меѓународните поети и писатели од Индија, Перу, Русија, Германија, Унгарија, Романија, Шпанија, целиот Балкан и да не ги редам уште многу други држави, не само што ни ги отвори границите за надвор туку, прерасна и во секојдневие. Поготово, со македонската поезија, како корпус за добар глас во светот на книгата со сознание и рецепција на осведочените или новосоздадените високи естетски поетски вредности!
Кажете ни за вашите добиени награди, знаеме дека се бројни. Која награда ви е најдрага и зошто?
Навистина се бројни, а не само домашни, туку и меѓународни и сите ми значат исто. Ако веќе морам, ќе издвојам само неколку:
– Платинеста плакета (меѓународна) подржана и доделена од почесниот конзул на БиХ.
– Златна плакета за афирмација на македонската литература во домашни и светски рамки , доделена од академијата – Еуроарт-
– Златна плакета – амбасадор на македонскиот јазик- доделена од здружението за обединување на македонската култура – Македонски вознес-
– Златна плакета (меѓународна – Србија) доделена на меѓународниот фестивал – Месопотамија- за поезија.
– Златна плакета за целокупниот творечки опус, доделена од здружението за обединување на македонската култура – Македонски вознес-
– Гран При награда за кус научен труд, доделена од академијата – Еуроарт –
– Гравитација – прва награда за книгата – животот е поезија – доделена од – здружението на наука и култура – Нова-
Како е полесно да се пишува, за македонска или германска публика?
– Публиката не игра никаква улога! Сите читатели, од било каде, сакаат добра литература. А, на прашањето како полесно се пишува, ќе одговорам со мое лично искуство. Најдобро е кога се пишува на мајчин јазик. Се чувствува тежината на зборовите и нивното значење. Џабе, кога срцето ми дошепнува на туѓ јазик, а душата не се отвара целосно. Тогаш пишувам јас, а не моите чувства! Додека на мајчин јазик, зборовите истекуваат сами. Го земам перото и со него си ја постилам душата на лист хартија. Не пишувам – издишувам!
Дали германските читатели ве прифатија и кои ваши книги таму најмногу се читани?
– Бев, многу добро прифатена од страна на читателите во Германија. Најмногу беа читани три мои книги, кои беа доста барани во книжарниците по градовите и електронските книжарници за продажба на книги. Сите три книги, од голем број на читатели добија по пет ѕвездички и многу убаво мислење. Во најголемиот портал за читање, беа неколку пати и долг период како најчитани и беа прогласени и за книги на годината.
Das unheimliche Schloss Samira – роман за младина
Königstochtersträne – бајка за деца, младина и возрасни
Roxana – раскази за претшколски деца и школски деца до осум години.
Што ве прави среќна и ве исполнува?
– Најголемата среќа е мојата ќерка. После неа, доаѓа творењето.
Ме исполнуваат убавите и весели моменти со фамилијата и кога ќе го подигнам капакот за да се изцадуваат зборовите од мојата душа – кога творам или прочитам една добра книга.
Која е вашата најголема поддршка?
Љубовта, која ја добивам од моите најмили.
Што ве мотивира за да се фатите за перото и да создавате?
Сè што ме опкружува, самиот живот! Сите добри и лоши работи и сите негови убавини, што се случуваат во него. Најмногу неговиот столб – љубовта, која што е негов главен двигател.
Кога би бирале помеѓу проза и поезија, што ви е подраго?
– Исто, како да сте ме прашале, од моите две ќерки, која ми е подрага, хаха! Тие се мои деца, не можам да ги делам.
Подеднакво ми се драги само, зависи од времето, околностите и мојата мотивација за што сум расположена да творам.
Кои се вашите идни планови на полето на пишувањето? Што да очекуваат читателите од вас?
– Често пати знам да изненадам со новитети и свежина во литературата и на литературното поле воопшто. Сигурно ќе има и уште многу мои нови дела, како проза, така и поезија.
Благодариме на одвоеното време. Чест и задоволство е да се разговара со вас и што прифатите да ни бидете гостинка во рубриката Интервју со. За крај на разговорт, што би им порачале на читателите на Крајбрежје?
– Најдобра и најздрава храна е книгата!
Благодарам на поканата и задоволство ми беше, да бидам ваша гостинка.
Тимот на Крајбрежје на Милица ѝ посакува бројни успеси на сите полиња!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.