Душа, тело, ум Психолошко катче

Извонредни и неверојатно способни се луѓето што го користат својот ум

Мојот ум е широко пространство и моќна „алатка“. Во него нема место за маалски муабети, бескрајни и бесцелни озборувања. Се прашувале што содржи во женскиот ум, еве јас им велам подобро да не знаете. Тоа што може една жена да го режира, тројца мажи не може ни да го замислат.

Toj е едно инспиративно катче полно со отворени табови. Често заборавам кое нешто во кој прозорец да го најдам, но пак го пронаоѓам. Може да ми се измешаат информациите, но скриени се во некоја подлабока одаја. Ако еден ден го изгубам помнењето, не сакам да му го заборавам ликот на оној што го сакам (или мислам дека го сакам?). Сакам да ги помнам имињата на најблиските. За нив да не заборавам, да бидам свесна за нивното постоење сè друго слободно нека исчезне како пареа.

Претставува креација со чија помош се изразувам креативно. Со креативноста отсекогаш сме биле другарки, единствена за која сум сигурна дека никогаш нема да ме издаде.

Како да се опише нешто што не го гледаме? Отсекогаш била тешка задача ова. Јас го опишувам како едно делче од широкиот “мозаик’ сместен во главата. Повторно апстрактно објаснување, но поентата е запазена. Под мозаик може да се сметаат и сите делови од мозокот заедно, но и одделно.

Што правам со негова помош покрај другите неопходни делови од мозаикот и надвор од него?

Со помош на умот јас селектирам фотографии, помнам сцени, гледам и разликувам бои, шари, предмети, карактеристики на нештата околу себе. Впрочем, како сите останати човечки суштества. Тогаш, како може да биде на овој начин досадно? Во мојот речник нема место за досада. Тaa e термин кој речиси и никогаш не го употребувам, а да се однесува за мене. Дури и чекањето не ми е повеќе досадно, бидејќи гледам да го исполнам со нешто корисно во меѓувреме.

Кога набљудувам луѓе со намера е посебна приказна. Во тие неколку минути се случуваат интересни мигови и е премногу забавно ако се сконцентрирам на таа активност. Некогаш знае да биде и тажно, и кога сум нем набљудувач од страна доживувам срцепарателни  глетки и сцени.

Некој можеби ќе ги одмине и нема воопшто да ги забележи. Но, јас истите ги селектирам некаде во мојата внатрешна меморија, неслучајно. Истите ми помагаат подоцна, кога ми треба инспирација, кога сакам да се ставам во туѓа кожа, или да посочам пример.

Што сакав да кажам? Дека вие сте извонредни со самото тоа што секојдневно ги користите во одредена мера капацитетите на вашиот ум. Вие можете да ги поместите вашите граници, да го постигнете она што ќе го замислите, токму со помош на моќта и силата што ја имате во вашите умови. Наште „ментални способности“ се многу позначајни отколку што можете да замислите. Истите играат огромна улога во секојдневното живеење.

Користиме ум, за да носиме умни одлуки. Умните одлуки подоцна го дефинираат успешното живеење.

Наталија Наумовска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје